Орландо Блум со задоволство се присетува на снимањето на „Pirates of the Caribbean“ и „The Lord of the Rings“, но епскиот спектакл „Troy“, во режија на Волфганг Петерсен, би сакал целосно да го заборави.
Ѕвездата на „The Lord of the Rings“ вчера се појави во Јутјуб серијалот „Know Their Lines“ кој го води списанието „Variety“. Актерот требало да погоди во кои филмови од неговата обемна филмографија се појавуваат одредени цитати, а „заглавил“ кога му дошол редот на Парис, ликот кој го отелотвори во „Troy“. Блум во тој момент признал дека не сака ни да се присети на филмот.
„Ох мој Боже, мислам дека тој филм едноставно го избришав од сеќавање“, изјавил Блум. „Не сакав да работам на тој филм. Не сакав да го играм тој лик“.
„Филмот беше одличен. Тука беше Бред Пит. Тука беа Ерик Бана и Питер О'Тул. Но, како требаше да го играм тој лик? Тоа беше спротивно на сè што чувствував“.
„Во еден момент, Парис лази по земјата откако некој го претепал и го фаќа својот брат за ногата. Мислев: „Нема да можам да го изведам тоа“. Еден од моите агенти ми рече: „Но, тој момент е врв на сè!“. Му поверував, мислам дека затоа го избришав филмот од меморијата“.
„Troy“ ја имаше својата премиера летото 2004 година и заработи речиси 500 милиони долари на светските киноблагајни. Филмот, базиран на Хомеровата Илијада, имаше одлична актерска екипа која ги вклучуваше Блум, Пит, Бана, О'Тул, Дајан Кругер, Брајан Кокс, Шон Бин, Брендан Глисон и други. Ликот на Блум, Парис, е принц на Троја чија афера со кралицата Елена (Кругер) доведува до Тројанската војна.