Овошјето, зеленчукот и сè што е потребно за ручек лесно може да се најдат во блискиот супермаркет. Поради оваа погодност, децата денес не знаат од каде доаѓа храната што ја консумираат секој ден, а честопати и не знаат како да ја одгледуваат.
Меѓутоа, во Амстердам и во многу други холандски градови постои практика во училиштата децата да учат за природата и земјоделството преку практични активности. Имено, оваа програма е наречена „tuiniener“, што значи градинарство, а децата учат за одгледување растенија, зачувување на природата и грижа за животната средина, со што се поттикнува нивниот интерес за здрава храна. Еве кои се придобивките од вклучувањето на децата во градинарството.
This is how kids enjoy and learn from keeping vegetable gardensAt this Dutch school children are taught how to grow their own food 🍆🥕 and they love it.
Comment #YES if you agree all schools should teach children about the origin of our food and the importance of a healthy diet.
Posted by BrightVibes on Wednesday 27 June 2018
Секоја недела деца од многу основни и средни училишта во Холандија ја посетуваат градината заедно со нивните наставници и учат за процесите на садење семиња, контрола на плевелот, правилно наводнување на растенијата и најзабавниот дел – бербата на сопствената храна. Локалните медиуми јавуваат дека овие млади луѓе навистина уживаат во уредувањето на својата градина и бербата на плодовите што самите ги одгледувале. Не само што уживаат во вкусот на сопствената жетва, туку сметаат дека оваа храна е многу повкусна од храната што можат да ја купат во блискиот супермаркет.
Повеќе време надвор и поголем фокус врз благосостојбата на децата
Сè повеќе училишта ги учат децата на важноста на поврзувањето со природата и сите придобивки што доаѓаат од одгледувањето сопствена храна. Новововедените програми ги поттикнуваат да усвојат поздрави навики во исхраната, а можеби дури и да ги инспирираат своите родители да создадат сопствена зеленчукова градина дома. Покрај тоа, овие програми носат уште една значајна придобивка: поминувањето време надвор од училницата им помага на децата да развијат подобра и подолготрајна концентрација.
Учениците што се занимаваат со градинарство постигнуваат подобри резултати на тестовите по наука
Повеќето родители се трудат нивните деца да поминуваат повеќе време на отворено, подалеку од екрани, телевизори и видеоигри, а градинарството се покажало како одличен начин за постигнување на оваа цел. Експертите дури тврдат дека градинарството е вистинска наука. Учениците стекнуваат длабоко разбирање за класификацијата на растенијата, временските услови, почвата и растителните штетници и болести. На природен и практичен начин децата влегуваат во светот на ботаниката. Неодамнешните истражувања покажуваат дека учениците што имале можност да го искусат градинарството како дел од нивната училишна програма постигнале подобри резултати на стандардизирани тестови од нивните врсници кои немале можност да учат за градинарството во училиште.
„Ако одгледуваат, ќе јадат“
Учениците со ентузијазам го следат процесот на одгледување на нивните растенија и потоа се јавува љубопитност – сакаат да ги вкусат плодовите на својата работа. Извесна експертка за градинарство и здравје волонтирала како учителка за ученици од основните училишта во Холандија осум години. Потоа го споделила своето набљудување за огромните нутритивни и здравствени придобивки што децата ги добиваат од градинарството.
„Поради зголемената дебелина, дијабетесот, па дури и високиот крвен притисок кај децата, градинарството поттикнува физичка активност на отворено. Децата ќе го јадат сето она што сами го одгледуваат, дури и ако е зелено“, вели експертката.
Градинарството ги зајакнува емотивните и интерперсоналните вештини
Децата што се занимаваат со градинарство учат голем број важни животни вештини. Ова вклучува одговорност, трпеливост, упорност и како да се справат со разочарувањето кога нивната градина не напредува како што очекувале.
Исто така, градинарството ги учи како да соработуваат со браќата и сестрите, пријателите и соучениците за успешно да ја завршат работата во градината. Овие вештини се основа за развој на карактерот, а истражувањата покажуваат дека токму со градинарството децата ги стекнуваат овие вредни животни вештини.