Српската блогерка и инфлуенсерка за патувања, Анѓелија Раичевиќ, за прв пат го доживеала рамазанскиот пост додека престојувала со пријателка во Истанбул. Нејзината објава предизвика голем интерес кај нејзините следбеници на Инстаграм, каде што објави видео и впечатоци од ифтар во Истанбул.
„Сакав да ги тестирам сопствените граници, да излезам од мојата комфорна зона, но и да покажам почит кон моите турски пријатели и подобро да ги разберам нивните обичаи и традиции. Верувам дека денес е многу важно да се има отворен ум, да се почитуваат другите и да се сака свето – и токму затоа сакав на овој начин да ја покажам мојата љубов и почит кон моите пријатели“, рекла Анѓелија во видеото.
„Предизвикувачки, но неверојатно убаво искуство“
Таа имала ифтар со пријателите во паркот пред Аја Софија, каде се собрал голем број луѓе. „Луѓето ја споделуваа храната, се смееја, разговараа … Тоа беше предизвикувачко, но и неверојатно убаво искуство кое долго ќе го паметам“, изјавила инфлуенсерката.
Во описот под објавата, Анѓелија ја истакнала важноста од разбирање и прифаќање на различностите. „Јас не ги делам луѓето по религија, раса или националност. Јас ги делам луѓето исклучиво на добри и лоши“, нагласила таа.
„Нашиот свет е составен од различни култури, религии и обичаи – секоја од нив носи своја приказна, убавина и длабоко значење. Токму овие разлики го прават светот интересен за истражување и учење. Наместо да не разделуваат, тие треба да нè обединат. Сакам да се водам според изреката: „Почитувај ги туѓото, сакај го своето“, бидејќи разбирањето на другите не значи дека се откажеш од себе“, рекла блогерката.
Што е ифтар?
Ифтар е вечерен оброк со кој муслиманите го прекинуваат дневниот пост за време на светиот месец Рамазан. Постот трае од зора до зајдисонце, а ифтар започнува веднаш штом зајде сонцето. Традиционално, постот прво се прекинува со неколку урми и вода, потоа молитва, а потоа главниот оброк.
Ифтар е повеќе од обичен оброк – тој е и социјален и духовен настан, често споделен со семејството, пријателите или заедницата, а во многу култури вообичаено е да се покануваат гости, вклучително и оние кои не постат.