„Да продолжиме да го менуваме светот како тој што го менуваше“: Скопје денес се збогуваше со човекот кој никогаш не престана да верува во овој град – Комеморација на Мирко Попов

Точка

05/04/2024

17:20

5.495

Големина на фонт

а а а

Мирко Попов почина на 24 март, на 51-годишна возраст, и зад себе остави големо музичко богатство.

Попладнево се одржа комеморацијата за Мирко Попов, еден од највлијателните и најуспешни скопски музичари, композитори, текстописци, диџеи, издавачи и продуценти. На собирот во спомен на еден од пионерите на македонската електронска сцена присуствуваа членовите на семејството, но и голем број пријатели, соработници од светот на музиката и уметноста, но и почитувачи на неговиот лик и дело.


Во улога на модератор на комеморацијата беше театарскиот режисер Синиша Ефтимов кој, обидувајќи се да ги задржи солзите во повеќе наврати, раскажа нешто повеќе за Мирко – каков човек бил, колку направил и со што придонел во развојот на македонската музика и култура.

„Не случајно ја одбравме малата сцена на Македонската филхармонија за овој повод, бидејќи ова беше една од омилените сцени на Попов, каде го реализираше џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“ и чие претстојно фестивалско издание повторно ќе се случува тука. Зборовите понекогаш се тесни да се изразат одредени деликатни емоции, но ќе се обидам накусо да го сумирам неговиот лик и дело, кој изминативе 30 години остави моќен печат на македонската музичка современа сцена-рече Ефтимов, кој зборуваше за работата на Мирко Попов, за неговото влијание на македонската музичка сцена и за сето она што тој ни го остави.“


Покрај многуте соработници со кои колаборираше на сцената за него говореа Филип Николовски (МКЦ), Билјана Црвенковска (Розевата планета), Филип Тасевски (Земјотрес), Јанг Дади (музичар) и Дина Јашари (музичар).

Филип Николовски од МКЦ за време на комеморацијата посочи дека животот на Мирко зборува за минатото, тлее овде и сега во сегашноста и останува тука за да ни ја просветли иднината – иднина, за која останува да се надеваме дека ни носи љубов и неизмерна желба за подобар и посреќен живот, кон кој тој целеше.


„Со Мирко делевме многу заеднички интереси и љубови – Арсенал, Вардар, култура, нашето МКЦ и секако вечната љубов кон градот во кој израснавме. Вечната љубов кон Скопје. Градот во кој започна да твори, да се развива, да напредува, едноставно, да стане подобар. Во темелите на секоја зграда, во секој клуб, институција, плочник, во секој од малкуте останати скопски паркови, стои врежано името на овој човек. Се чини дека тој постигнуваше да стигне секаде. Енергијата која зрачеше од него беше невозможно да не те обземе, да не те прими да се приклучиш во следната мисија која што тој ја замислил“, зборуваше Николовски

Како што потенцираше, Мирко Попов е „Галебот“ од Џонатан Ливингстон на македонската современа култура. Мирко Попов е човекот кој веруваше дека секогаш може подобро и повеќе.

Александар Гавровски – Гачо од „ПМГ колектив“, го опиша Попов како негов постар брат.

„Мирко, постариот брат на сите музички талентирани клинци или неталентирани музички фанатици (како мене) кои се шуњаат низ град: фасциниран што постоиме, ја отвора вратата од својот дом и вика: „еве копиљ, све шо иам ја, сеа имаш и ти.“ … Мнозинството воопшто не беше свесно за оваа негова топла, човечка страна. Освен дежурните хејтери, останатите го препознаваа и признаваа овој негов ангажман. Сепак, мнозинството највеќе го знаеше како политичко битие кое дава свое мислење за секојдневните срања од животот, вселената и све друго, како муабетот со палењето цркви на пример. Би сакал да појаснам, Мирко не сакаше да ги запали сите цркви. Оригиналната идеја беше да се поштеди соборниот храм во Скопје, во него да се смести најдоброто озвучување на светот и храмот да продолжи со работа како ноќен клуб со име The Church. Секако дека мнозинството не беше спремно за неговите ставови. Рано е уште за тоа. Како автор беше игнориран од мнозинството, но и од скопската критична маса која не е баш свесна дека покрај Скопјанка и Манекенки тој е автор на над сто други песни на ПМГ Колектив, Кантон 6, Мирко Попов Квартет, Македониде Crew … сите со своја убавина и поента и сите отпеани на македонски јазик. Фала богу, песните се тука, засекогаш. Стрпливо чекаат на вас, не морате воопшто ни да брзате. Како издавач мнозинството едноставно не можеше да го игнорира: PMG Recordings, PMG Jazz, PMG Tanz Digital и Pattern PMG располагаат со импресивен каталог на македонска музика како ниту еден друг субјект. Сигурен сум во едно, неговиот ентузијазам ќе му недостасува на Скопје и Македонија. Ќе недостасува неговата неуморна потрага по новите интересни деца од нашите улици, деца на кои со нетрпение чекаше да им ја отвори врата од својот дом и да им каже, „еве копиљ, све шо иам ја, сеа имаш и ти“-ја заврши Александар Гавровски последната порака до неговиот колега и постар брат Мирко.


Свое обраќање имаше и писателката Билјана Црвенковска, која сподели дека нејзиното пријателство со Попов траело цели 37 години и дека тој има силно влијание врз неа.

Мирко за мене е големиот дел од моето детство и целата моја младост. Мирко се сите книги и стрипови што сме ги читале заедно во средно школо. Мирко е човек кој што влијаеше на мојот музички вкус и на тоа што го слушам јас во целиот мој живот, од кога се запознавме. Мирко е сите журки, сите концерти, сите бендови што сме ги слушале заради него кои ги донел, сите диџеи кои ги донел, сите „афтери“ и сите муабети од утро до мрак и обратно. Мирко е не само Скопје, не е само МКЦ, не е само ПМГ, Мирко за мене е Охрид и сите лета што сме ги поминале заедно во Охрид. Мирко е книгата „Розевата планета. Ова што го правеше за младите, за музиката и културата е само дел од една поголема слика за целосно менување на условите во кои што живееме. Тој беше голем оптимист, никогаш не се откажуваше и предаваше, се бореше и инсистираше да не се откажуваме, да не стануваме конформисти, да не легнуваме на брашното, да не си ги пакуваме куферите и да си одиме. Зошто да го направиме тоа? Ние кои се занимаваме со уметност знаеме дека уметност најдобро се твори и создава таму каде што си роден. Да, нашата генерација го имаше Мирко, но нашата генерација не е таа која го направи пресвртот што требаше да се случи. Врз основа на наследството на Мирко Попов, верувам дека таа генерација ќе дојде. Можеби тоа ќе биде генерацијата на неговата ќерка Лаика, можеби ќе чекаме до генерацијата на син му Артур, но верувам дека ќе дојде и ќе го направи тоа што тој го сакаше“, рече Црвенковска.


Британските диџеи Тери Френсис, Дејв Мадерсол и Ивл Еди Ричардс, српскиот диџеј Александар Павиќ – Лале од „Хепи пипл“ и Стивен Малиндер од „Кабаре Волтер“ испратија свои пораки во чест на Попов.

Еден од најемотивните моменти на комеморацијата беше изведбата на песната „Somewhere Over the Rainbow“ од страна на хрватската група „Ниплпипл“.

Џезерите Владан и Павел Дробицки имаа свој настап во живо, а комеморацијата беше затворена со песната „After Hours“ на „ПМГ колектив“.


Тој ќе остане запаметен како професионален диџеј и човек кој ја формира дискографска куќа „ПМГ рекордингс“. Беше дел од култниот електро-џез состав „Кантон 6“. Автор е на книгите „20 години те сакам“ и книгата за деца „Розовата планета“. Беше и музички новинар и организатор на многу културни настани во МКЦ. Попов ќе остане запаметен како некој што успеа да ја развие и да ја донесе електронската музика во Македонија.

Фото:

МИА

360 степени



Спонзорирани линкови

Маркетинг