Марк Чавез, лекарот обвинет дека го снабдувал со кетамин покојниот актер Метју Пери, се изјасни за виновен по една точка од обвинето – заговор за дистрибуција на дрога.
Во среда, Чавез се појави пред сојузниот суд во Лос Анџелес поради промена на изјаснувањето околу вината. Чавез во договорот за изјаснување на вината потенцираше дека тој и друг лекар, по име Салвадор Пласенциа, започнале да му испорачуваат кетамин на Пери во септември 2023 година.
Пласенциа, којшто исто така е обвинет за смртта на Пери, наводно барал од Чавез да обезбеди шишиња со кетамин и пастили за Пери, а во замена за пари. Чавез призна дека поседувал кетамин, откако претходно издал лажни рецепти за триесет пастили од 200 милиграми.
Чавез и Пласенциа се познавале најмалку 20 години, а Чавез знаел дека Пласенциа има многу искуство со употребата на кетамин. Пласенциа наводно изјавил дека Пери употребувал дрога со цел да престане да пуши, а Чавез знаел дека тоа не е ефикасен метод за одвикнување од пушењето.
Кетаминот се користи како анестетик и за лекување на депресијата, а може да предизвика нуспојави како што се проблеми со говорот, главоболки и раст на крвниот притисок.
Чавез изјави дека Пласенциа, кој наводно му го вбризгувал лекот на Пери, правел испитувања како правилно да се дијагностицира и примени кетаминот, како и следење на пациентите кои употребуваат кетамин. Пласенциа исто така му давал шишиња кетамин на Пери и на неговиот помошник, за Пери да може сам да го зема лекот.
Во еден прилика Пласенциа му дал три инјекции кетамин на Пери со вкупна доза од 260 милиграми и планирал да му даде уште една доза од 100 милиграми, а сето тоа во рок од еден час, за што Чавез знаел дека е опасно.
Според тврдењата, помошникот на Пери исто така му давал кетамин на денот кога тој починал, поради што и тој е обвинет во врска со неговата смрт.
Вкупно пет осомничени се обвинети во врска со смртта на актерот предизвикана од кетамин, соопшти американскиот обвинител Мартин Естрада. Во групата на осомничени вклучени се и асистенти, двајца лекари и жена позната како „кетаминска кралица“.
Потсетуваме, асистентот на Пери го пронајде мртов на 28 октомври минатата година, а медицинскиот истражител утврди дека главната причина за неговата смрт бил кетаминот.