На славниот холивудски актер Брус Вилис (68) во февруари минатата година му беше дијагностицирана фронтотемпорална деменција.
Една година пред тоа откриено беше дека има и афазија – нарушување на говорот. Поради болестите тој се откажал од актерството и целосно се повлекол од јавноста.
Брус Вилис времето го поминува со своето семејство кое често на социјалните мрежи објавува новости за неговата здравствена состојба.
Неговата сопруга, Ема Хеминг Вилис (45) редовно ги известува неговите обожаватели за него и ја зголемува свеста за деменцијата.
„Се борам со грижа на совест затоа што знам дека имам средства кои другите ги немаат. Кога имам можност да одам на прошетка да ја разбистрам главата, размислувам за тоа дека не можат сите партнери кои се грижат за некој болен, тоа да го прават. Кога нешто што ќе го споделам добива внимание од медиумите, знам дека постојат илјадници нераскажани приказни од кои секоја заслужува сочувство и грижа“, напишала Ема за блогот на Марија Шрајвер, поранешната сопруга на Арнолд Шварценегер.
Сепак, таа раскажала дека ја пронашла смислата во споделувањето на нивната приказна за која се надева дека некому ќе помогне.
„Гледам дека она што го споделувам им е важно на другите кои можеби се борат и на мал начин ги прави да се чувствуваат забележани и сфатени“, додала сопругата на Вилис.
Неговиот пријател Глен Гордон Керон претходно открил дека актерот не е добро.
„Мислам дека тој само првите неколку минути од нашиот разговор знае кој сум. Не разговара повеќе, некогаш страсно читаше, а сега и од тоа се откажа. Сите тие вештини повеќе не му се достапни. Кога сте со него, знаете дека тоа е Брус и благодарни сте што е тука, но во него повеќе ја нема радоста за животот“, раскажал тој.
Извори блиски до семејството кажале дека Брус престанал целосно да говори.