Мира Сорвино и Лиса Кудроу ќе глумат во продолжението на нивната култна комедија од 90-тите

Точка

07/02/2024

11:29

2.882

Големина на фонт

а а а

Мира Сорвино и Лиса Кудроу ќе глумат во продолжението на култната комедија „Romy and Michele’s High School Reunion“, потврди „Deadline“.

Сорвино неодамна потврди дека Робин Шиф, сценаристката на оригиналниот филм, почнала да го пишува сценариото за продолжението, но не го завршила бидејќи работи на серијата „Emily in Paris“ која се емитува на Нетфликс.

„Таа моментално работи на серијата „Emily in Paris“, па ја привршува првата верзија на сценариото за да го презентира на студиото“, изјавила Сорвино. „Лиса и јас ги финализираме нашите договори за филмот како извршни продуценти. Одиме со полна пареа напред“.

Сорвино зборуваше и за нејзините надежи за продолжението, кое се претпоставува дека ќе биде прикажано на 40-годишнината од дипломирањето на Роми и Мишел.

„Само сакам да продолжат да бидат достапни, но и смотани и симпатични, како што секогаш биле. Тие го имаат тој незапирлив дух, таа дружељубивост и тој идиотизам поради кој некако сите ги сакаат. Нивната природа и срцето кое е во центарот на сè, тоа мора да остане во филмот“.

Култна класика од 90-тите

„Romy and Michele’s High School Reunion“ е комедија од 1997 година во режија на Дејвид Миркин, извршен продуцент на Симпсонови. Иако филмот заработи само 29 милиони долари кога се прикажуваше во кината, тој стана култна класика со текот на годините.


Филмот ги следи двете 28-годишни пријателки Роми Вајт (Сорвино) и Мишел Вајнбергер (Кудроу), кои не успеаја да станат познати во животот. Откако од нивната соученичка од средно училиште дознаваат дека наскоро се ближи десетгодишнината од матурата, Роми и Мишел решаваат да се претстават како успешни деловни жени за да им докажат на своите врсници дека повеќе не се губитнички. Но, нивната вечер не оди според планот.

Заедно со Сорвино и Кудроу, во комедијата играат Џејн Гарофало, Алан Каминг, Џулија Кембел, Винсент Вентреска и Камрин Манхајм.