Поголем дел од кинескиот извоз во Европа се одвива преку Црвеното море, додека десетина милиони тони нафта и минерали по истиот пловен пат доаѓаат до кинеските пристаништа. Сепак, изгледа дека изостанува соодветен одговор на Кина на нападите на Хутите.
Додека Хутите продолжуваат да напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното море, се подлабока криза претставува новиот тест за амбициите на Кина да стане нов моќен посредник на Блискиот исток. Нападите на една од најважните светски поморски рути ја нарушуваат глобалната трговија и поттикнале стравови од поширок регионален судир речиси четири месеци по војната меѓу Израел и Хамас, пишува „CNN“.
Досега кинеската јавна реакција на оваа криза била ограничена на повици за прекин на нападите на трговските бродови и прикриена критика на воените операции под водство на САД против Хутите, за кои аналитичарите велат дека не биле во склад во глобалните амбиции на Пекинг.
Како што изјавил Мордечаи Чазиза, професор на „Ashkelon Academic College“ во Израел, „внимателниот или неодлучен кинески одговор фла сенка на кинеските амбиции да биде одговорна глобална сила“.
Со оглед на тоа дека Пекинг не покажува апетити за директно вклучување во кризата во Црвеното море, САД настојуваат да извршат притисок на Иран кој ги обучува, финансира и опремува Хутите. Меѓутоа, „CNN“ понатаму пишува дека влоговите за Кина се високи, со оглед на тоа дека станува збор за најголемата светска трговска нација.
Имено, поголем дел од кинескиот извоз во Европа се одвива преку Црвеното море, додек десетина милиони тони нафта и минерали по истата рута доаѓаат до кинеските пристаништа.
Предизвик за Џинпинг
Кризата во Црвеното море, исто така, е дипломатски предизвик за кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој последните години ветува дека ќе придонесе за промовирање на мир на Блискиот исток и тоа, како што вели, „со кинеска мудрост“.
Хутите од Јемен, потсетуваме, почнале да лансираат проектили и беспилотни летала на бродови во Црвеното море кон средината на ноември 2023-та година, поради, како што велат, солидарност со Палестинците. Но, на мета биле многу бродови кои немаат врска со Израел.
И покрај сето тоа, изостанува реакција од кинеската јавност. Таа држава, имено, ниту ги осудила нападите на Хутите, ниту нејзините воени бродови одговориле на повиците за помош.
Дополнително, втората најголема светска сила ја отфрлила мултинационалната коалиција предводена од САД за заштита на бродовите кои минуваат низ Црвеното море, иако кинеската воена морнарица има оперативна единица за борба против пирати, која се наоѓа во Аденскито залив, како и логистичка база во Џибути.
Тоа што понатаму се констатира, е фактот дека Кина „се разбудила“ дури откако САД и Велика Британија започнале воени напади на цели на Хутите во Јемен. Кинеските службеници повеќе пати нагласувале дека кризата на Црвеното море е производ од судирите во Газа, наведувајќи дека прекин на огнот меѓу Израел и Хамас е главен приоритет.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, Кина настојувала да се претстави како лидер на глобалниот југ и алтернатива на американската моќ, меѓутоа, неподготвеноста на Пекинг да се впушти во кризата во Црвеното море ги одразува геополитичките калкулации.
Што всушност сака Кина?
Како што рекол Чазиза за „CNN“, „Кина нема интерес да се приклучи на западната воена коалиција, бидејќи таквата позиција ќе го засили американското, а ќе го намали кинеското влијание во тој регион“.
На состаноците со кинескиот министер за надворешни работи во Бангкок во текот на викендот, американскиот советник за национална безбедност го повика Пекинг да го искористи своето значајно влијание на Иран за да ги сопре нападите.
„Ова не е прв пат да ја повикаме Кина да одигра конструктивна улога. Пекинг вели дека разговарал со Иранците и мислам дека тоа може да се види во некои медиумски извештаи. Но, секако ќе ги почекаме резултатите пред да коментираме колку се ефикасни“, рекол службеник од Белата куќа.
Изгледа дека Кина, сепак, преку Иран им праќа порака на Хутите.
Повикувајќи се на ирански извори, „Reuters“ во петокот извести дека кинеските службеници побарале од своите ирански колеги да помогнат во „смирување“ на Хутите или ризикуваат нарушување на деловните односи со Пекинг.
Во главно, Кина вели: „Ако нашите интереси на било кој начин се повредени, тоа ќе влијае на нашето работење со Техеран. Затоа кажете им на Хутите да покажат воздржаност“, изјавил за „Reuters“ еден ирански службеник.
Од друга страна, кинеското Министерство за надворешни работи минатата недела соопштило дека Кина „активно ја деескалирала ситуацијата од првиот ден“ и дека била во блиска комуникација со разни страни и активно работела на ублажување на тензиите на Црвеното море.
Притоа, иако Хутите рекле дека нема да гаѓаат кинески или руски пловила, интересите на Кина, сепак се загрозени од оваа криза. Како многу светски бродски компании, кинеските државни бродски џинови „COSCO“ и „OOCL“ пренесочиле десетина бродови од Црвеното море на многу подолгата рута околу Африка.
Колку оваа криза ја „тресе“ Кина?
Глобалната логистичка компанија „Flexport“, со седиште во Сан Франциско, вели дека 90% од товарот испрачан од Кина во Европа минува преку Црвеното море, но сега 90 проценти од тој сообраќај оди со заобиколување на Африка.
Поради тоа нарушување, цената на прекуокеанскиот превоз од Шангај во Европа пораснала за повеќе од 300% меѓу ноември и јануари, според податоците на „Shanghai Shipping Exchange“, што претставува голем предизвик за кинеските извозници.
Притисокот да се делува можеби доаѓа од кинеските регионални партнери. Џонатан Фултон, соработник на Атлантскито совет со седиште во Абу Даби, вели дека отсуството на реакција од Кина го поткопува нејзиниот кредибилитет кај регионалните актери.
„Перцепцијата на Кина како светска сила во подем не може да се одржи, ако не се обиде да се вклучи. Коалицијата предводена од САД и Велика Британија врши тешка работа, додека Кина гледа регионалните лидери веројатно ја гледаат Кина како тигар од хартија“, смета Фултон.
Нарушувањето на трговијата, притоа, удира по сечиј паричник, па и кинескиот. Египет губи милиони долари дневно поради намалениот сообраќај во Суецкиот канал, на северниот крај на Црвеното море. Саудиска Арабија, која е во мировни преговори со Хутите по девет години војна во Јемен, не може директно да направи ништо, а да не стане мета на Хутите, па сака другите нешто да направат, заклучува Фултон.
Тоа, секако, ја става Кина во непријатна позиција, бидејќи мора да воспостави деликатна рамнотежа меѓу Иран и земјите во Заливот, поважни економски партнери на Кина во регионот.
Кина, инаку, е најважен трговски партнер на Иран во последните 10 години, и купува 90% иранска нафта. Но, колку може тоа да се преточи во влијание, ќе биде тест на политичкиот капитал на Пекинг.