Состанокот на официјални лица од Словачка, Украина и Европската комисија за снабдување со гас планиран за утре е откажан бидејќи Киев нема да учествува, објавија словачките власти. Комисијата бара нов датум за состанокот, објави во соопштение владата на словачкиот премиер Роберт Фицо.
Фицо го обвини Киев дека ја оштетил Словачка со тоа што одлучил да не го обнови договорот за транзит на руски гас низ земјата и се закани дека ќе го прекине протокот на електрична енергија за Украина и ќе ја намали помошта за нејзините бегалци.
Украинските власти одлучија да го прекинат транзитот на гас за да ја лишат Москва од тој приход се додека Русија продолжува да ја напаѓа Украина.
Словачка во меѓувреме договори алтернативни извори и рути на гас. Но, Фицо тврди дека крајот на украинскиот транзит на руски гас за Словачка не само што значи дека таа треба да плати повеќе за снабдување со гас од други извори, туку и губење на сопствениот приход од транзитот.
Фицо го процени трошокот на Словачка на 500 милиони евра и рече дека ќе побара обновување на тековите или обештетување. Словачката влада ги ограничува цените на гасот, па може да се соочи со зголемени трошоци ако плаќа повеќе за гас.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Фицо дека отворил „втор енергетски фронт“ против Украина по налог на Русија.