[ВИДЕО] Огромна зимска бура во САД, петмина загинати, вонредна состојба во голем број држави

Макфакс

07/01/2025

10:23

3.167

Големина на фонт

а а а

Пет лица ги загубија животите во големата зимска бура, која вчера ги зафати централните и источните делови на САД, а милиони жители беа погодени од обилниот снег, кој почна да паѓа и во Њујорк.

Невремето кое се движи од центарот на земјата кон крајбрежните држави Делавер, Мериленд и Вирџинија, главниот град Вашингтон и југот на државата Њујорк, предизвика откажување на летови, затворање училишта и сообраќајни несреќи.

Повеќе од 50 милиони луѓе беа погодени, 300.000 се без струја, додека 2.000 летови беа откажани, а илјадници беа одложени, според сајтовите за следење Poweroutage.us и FlightAware.

Улиците на Вашингтон се покриени со снег. На некои места се очекуваат и до 30 сантиметри снег, а во Њујорк почнуваат да се појавуваат првите снегулки, објави Националната метеоролошка служба во најновото соопштение.

Особено се следеа временските услови во Вашингтон, главниот град на САД, каде конгресмените ја потврдија победата на Доналд Трамп на ноемвриските претседателски избори. И двата главни аеродроми во главниот град, откажаа повеќе од 500 летови од 6 часот наутро.

Метеоролошките служби предупредија на очекуваното количество снег, особено во државата Охајо и планинскиот масив Апалачи, каде секое патување може да биде „опасно“ по снежните и замрзнатите патишта.

Гувернерите на Мисури, Вирџинија и Мериленд прогласија вонредна состојба, како и во Кентаки. Се очекуваат температури и до -18°С на места со силен ветер во центарот и истокот од земјата. Научниците велат дека екстремните временски настани стануваат се почести и потешки поради климатските промени предизвикани од човекот.