Најголеми ризици по светот во 2024-та: Ќе доминираат три војни, едната е САД против себе

Точка

09/01/2024

21:32

57.371

Големина на фонт

а а а

Во светот оваа година ќе доминираат три војни – Русија против Украина, сега веќе во третата година, Израел против Хамас, сега во третиот месец, и САД против себе, судир кој е подготвен да започне во секој момент, се наведува во годишниот извештај на консултантската куќа за политички ризик „Eurasia Group“.

Американските претседателски избори ќе претставуваат најголем политички ризик за светот во 2024-та година, без оглед на тоа кој ќе победи, а институциите во најмоќната демократија сигурно ќе ги трпат последиците, соопштила „Eurasia Group“ и навела дека изборите на 5-ти ноември ќе ја тестираат американската демократија до ниво кое нацијата не го искусила 150 години, мислејќи на граѓанската војна во земјата, пренесува „VOA“.

„Со оглед на тоа дека резултатите од гласањето во суштина се фрлање на паричка, барем за сега, единствена извесност е продолжение на штетата по американското општество, политичките институции и меѓународната позиција“, се наведува во извештајот.

Како што се додава, ако Доналд Трамп, кој моментално води меѓу републиканците, повторно изгуби од Џо Бајден, тој веројатно уште еднаш ќе обвини за масовна измама и ќе поттикне моќна кампања на заплашување на изборните службеници.


САД во евентуален втор мандат на Бајден исто така би можеле да се соочат со криза без преседан, ако Трамп оди во затвор за една од многуте работи за кои е обвинет, иако насилство од големи размери е малку веројатно, се наведува во извештајот.

Ако изгуби, би се очекувало Бајден да го признае поразот. Меѓутоа, многу демократи ќе го сметаат Трамп за нелегитимен, а некои ќе одбијат да ја потврдат неговата победа повикувајќи се на уставната забрана за преземање на должноста на било којшто учествувал во бунт, соопшти „Eurasia Group“.

„Eurasia Group“ насилствата на Блискиот исток ги оценила како втор најголем глобален ризик, а војната меѓу Израел и Хамас веројатно ќе биде само прва фаза во поширокиот судир во 2024-та година. Групата оценува дека таму станува се полошо.


„Не постои очигледен начин да се стави крај на борбите, а каков и да е воениот резултат, драматично зголемување на радикализацијата е загарантирано. За израелските Евреи, кои се чувствуваат глобално изолирани и дури и омразени окако се соочиле со најлошото насилство над нив од Холокаустот. За Палестинците, кои се соочуваат со тоа што го сметаат за геноцид, без можност за мир и без изгледи за бегство“, пишува во извештајот.

Третиот најголем ризик ќе биде Украина, а во извештајот стои, како и за Израел, дека станува уште полошо.

„Euroasia Group“ укажува дека оваа година Украина ќе го загуби значајниот меѓународен интерес и поддршка, а за САД посебно – тоа стана втор, трет или уште понизок приоритет и покрај стотиците илјади жртви, милиони раселени луѓе и омразата кон рускиот режим која ја има речиси секој Украинец, а која со децении ќе го дефинира националниот идентитет на десетици милиони.


Сето тоа доведува до уште поголем очај во украинската влада, додека Русија на Владимир Путин останува целосно изолирана од Западот, се наведува во извештајот и се додава дека веројатно судирот ќе ескалира, а Украина ќе биде поделена.

Меѓу другите ризици е наведена и вештачката интелигенција и бавноста со која владите го регулираат развојот на „AI“. Сојузништвото и меѓусебната поддршка на Русија, Иран и Северна Кореја исто така се високо на листата на ризици. Веднаш позади е Кина, како и нејзината економија.

Побарувачката за природни минерали, глобалната инфлација и климатските промени исто така се наведуваат како предизвици. Бизнис неизвесноста во САД е последна на листата ризици, а се споменува и кризата во односите меѓу Америка и Кина, популистичките лидери во Европа и БРИКС.