Ќе се прошири ли војната во Газа?

Точка

05/01/2024

20:46

55.480

Големина на фонт

а а а

Постои се поголем страв дека војната која Израел ја води во Појасот Газа ќе се прошири на целиот регион по нападите во Либан и Ирак, како и смртоносната експлозија во Иран, иако експертите велат дека е мала веројатноста во овој момент да дојде до поширок судир.

Речиси три месеци од почетокот на израелската агресија на Појасот Газа, ескалираа тензии во регионот. Израелскиот напад доведе до страдање на повеќе од 22.000 луѓе, повеќето жени и деца, според податоците на Министерството за здравство во Газа, пренесува „Al Jazeera Balkans“.

Либан, Исламското движење на отпорот на Хамас и американски службеник објавија дека Израел стои зад воздушниот напад во кој во вторникот беше убиен истакнатиот лидер на Хамас Салих ал-Ароури во упориштето на либански Хезболах во јужното предградие на Бејрут.

Меѓутоа, Израел не ја презема одговорноста за убиството на Ал-Ароури, еден од основачите на военото крило на Хамас на окупираниот Западен брег, но го обвинил дека организирал многу напади.


Од друга страна, Иран во средата ја префрлил одговорноста на Израел и САД за двете експлозии во Карман, кога беа убиени повеќе од 100 луѓе на годишнината од атентатот на генерал-мајорот Касим Сулејмани, кој се случи пред четири години во американски напад во Ирак.

Меѓутоа, портпаролот на Стејт Департментот Метју Милер рекол дека „САД н никој начин не се вмешани во споменатите бомбашки напади, а било каква спротивна изјава е смешна“.

Во меѓувреме, Ирак и проиранската паравоена група Хашед ал-Шааби ги обвиниле САД за напад со дрон во кој во четвртокот е убиен еден од воените команданти на оваа фракција во Багдад.

Војна со Либан

Салих Ал-Ароури е најистакната фигура на Хамас која е убиена од 7-ми откромври. Нападот кој доведе до негово убиство е прв од тој вид во Бејрут од едномесечната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006-та година. Во тој судир биле уништени големи делови од јужен Либан, а животот го загубиле 1.200 Либанци, во главно цивили, и 160 Израелци, во главно војници, пишува „Al Jazeera Balkans“.

Економијата на Либан сега е во хаос, а политичкиот ќорсокак на кој не му се гледа крајот ја блокирал меѓународната помош.


Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари, на прес-конференција во вторникот, по убиството на Ал-Ароури, изјавил дека неговите сили се во приправност за одбрана и напад и дека Израел е подготвен за сите сценарија.

Марк Регев, советник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека Израел не преземал одговорност за атентатот, но истовремено нагласил дека тоа не е напад на либанската држава или на Хезболах.

Генералниот секретар на либански Хезболах, Хасан Насралах, во средата го предупредил Израел да не води војна против Либан, истакнувајќи дека Хезболах во тој случај ќе се бори без ограничувања. Изјавил дека нападот на Ал-Ароури е сериозно злосторство кое нема да мине без одговор и казна.

Загрижувачки напад

Во тој контекст, Карим Битар, професор по меѓународни односи на Универзитетот Сент Џозеф во Бејрут, рекол дека нападот на јужното предградие на Бејрут е загрижувачки.

„Дури и ако Иран, Хезболах или Израел немаат интерес за отворена војна, погрешна проценка или непромислена одмазда може да доведе до тоа ситуацијата да експлодира“, рекол тој.

Амал Саад, професорка на Универзитетот Кардиф во Британија и експерт за Хезболах рекла: „Хезболах ќе мора да одговори на начин кој ќе го предупреди Израел ова да не го повтори“.


„Но не може да одговори на начин кој на Израел не му остава друг избор освен да започне сеопфатна војна“, додала таа, нагласувајќи дека Хезболах исто така мора да ја засили безбедноста на другите службеници на Хамас кои се наоѓаат во Бејрут.

Маха Јахја од Центарот „Carnegie“ за Блискиот исток вели: „Не мислам дека Хезболах ќе има желба да го вовлече Либан во голем судир конкретно во овој момент, со оглед на регионалната ситуација“.

Регионален судир?

Фабрис Бланш, директор за истражувања на Универзитетот во Лион, рекол дека е мала веројатноста за избивање на регионална војна. „Иранците не сакаат судир со Израел, како ни Хезболах, бидејќи знаат дека ќе бидат во дефанзивна позиција“.

„Ако Израел биде нападнат со ракети, Американците ќе возвратат“, додал тој.

Наместо тоа, Иран веројатно ќе го ограничи својот одговор на понатамошно опструирање на поморската трговија во Црвеното море, рекол Бланш.


Јеменските Хути извеле повеќе од 20 напади на комерцијални бродови околу јужната точка на задушување во Црвеното море кај Баб ал-Мандаба, што го нарушило поморскиот сообраќај на патот низ кој минува 12 проценти од глобалната трговија.

„Иранците мора да одговорот, но не директно“, рекол Бланш.

Инаку, затворањето на Баб ал-Мандаба е многу скапо за оние кои ја користат оваа стратешка рута.