Вечната љубов меѓу Коко Шанел и Велика Британија ја запечати војводата од Вестминстер, инспирирајќи ги нејзините модели од твид во живописни бои и кроеви.
„Твидот е во фокусот на оваа колекција. Многу размислував за Коко Шанел во Велика Британија, но не сакав да го рекреирам нејзиниот изглед во јакните на војводата од Вестминстер, туку црпев инспирација од Коко која внесува боја во нејзиниот твид. Му додадов живописен, поп дух“, изјави креативната директорка на брендот, Вирџини Виард.
Имено, Коко за прошетките низ англиските селски имоти ги позајмувала јакните од твид на војводата, а потоа ја пронаоѓала ткаенината и ја носела во Париз, каде што ги креирала култните комплети. Ова е воедно и главниот мотив на колекцијата „Métiers d'art“ за 2023/24 година, претставена во северен Манчестер.
Додека за Коко ова бил центарот во кој пронаоѓала најфин памук, кадифе и твид, за новата креативна директорка Виард, Манчестер е центар на музиката (но и фудбалот!). Сето ова е испреплетено до виртуозност во колекција која ги отелотворува боите, спомените и чувствата. Костумите, чантите и бисерите се наредени околу впечатливата палета на тонови како што се: лосос розова, тиква, зелена, жолта, небесно сина, црвена и бакар, притоа осветлувајќи го хоризонтот кој е истовремено и женствен и уникатен. Наместо рок атмосфера, „Chanel“ се фокусира на поетичноста на 60-те.
Покрај тоа, тука се и модерните акценти – синџири на долниот дел од јакните, тексас, кожа, светки, контрастни внатрешни материјали ... колекцијата е славење на кројачката уметност на Коко Шанел.
Асоцијациите со Велика Британија ги оживуваат и парчињата како плисирани здолништа, мини-здолништа со аксесоари, бермуди, кошули и капут-фустани, изработени од твид, кашмир и плетива од Шетланд. Кроевите се тесни, а струковите се изненадувачки ниски. Наборите, пердувите и везовите, заедно со шеширите и украсените копчиња дополнително ја зголемуваат привлечноста на оваа колекција. Омаж на англиската мода и начин на живот оддаваат и симболите како Мери Џејн чевли, чајници, винилни плочи, цвеќиња и дизајни инспирирани од фудбалот и руралната идила што Коко ја обожавала.