Килијан Мбапе дефинитивно е најдобриот играч на Пари Сен Жермен, човек кој и оваа сезона ја предводи екипата со тоа што во актуелнава кампања тој е осамен кога се работи за головите.
Минатата сезона ги имаше Лионел Меси и Нејмар кои беа двоцифрени, додека пак во оваа Мбапе има 14 голови на 12 средби во Лига 1, уште три во ЛШ, а втори на оваа листа се Ашраф Хакими и Рандал Коло Муани со по четири погодоци во сите конкуренции.
-Би сакал да имам тројца напаѓачи како Мбапе кои постигнуваат по 17 гола, но тоа не е можно. Минатата година имаше три светски ѕвезди и повеќе ги делеа головите. Има многу играчи кои постигнаа голови. Не зависиме само од Килијан… и другите дадоа голови, -истакна тренерот Луис Енрике кој запрашан за тоа дали тимот има проблем со завршницата на акции, тој одговори во негов стил.
-Тоа е многу смешно. Ако имаме проблем со завршницата, што имаат другите? Тим кој постигнува по три гола на натпревар, создава 10 чисти шанси против Њукасл… фудбалот е игра, некогаш функционира, некогаш не. Ќе имавме проблем доколку не создадеме шанси за гол. Дали напаѓачите имаат ментална блокада? Можете да кажете што сакате, -порача Шпанецот пред дуелот со Ле Авр во Лига1.