Пејачката Тејлор Свифт е најслушаната музичарка на „Spotify“ за 2023 година.
Свифт ги надминала 26,1 милијарда стримови ширум светот од почетокот на годината, па така го срушила рекордот на Бед Бани којшто го држел во последниве три години.
А, треба да се спомене и дека поткастот на нејзиното момче Травис Келце, „New Heights with Jason and Travis Kelce“ бил најгледан светски спортски поткаст за 2023 година.
Свифт успехот го прославила исполнувајќи ја желбата на своите фанови. Имено, на „Spotify“ ја пуштила песната „You’re Losing Me“ која досега можела да се слушне само на една верзија од нејзиниот албум „Midnights“ којшто можел да се купи исклучиво во САД.
„Само би сакала да се заблагодарам на оние кои ја слушаа мојата музика годинава, било каде во светот. Тоа што сум прогласена за топ изведувачка на Spotify за 2023 година на глобално ниво навистина е најдобриот роденденски/божиќен подарок којшто ми го дадовте“, порачала Свифт која роденденот го слави на 13 декември.
„Се обидував да смислам начин како да ви се заблагодарам... Поради тоа што многу од вас бараа да ја ставам „You’re Losing Me“ на стриминг... Повелете! Сега конечно може да ја слушате СЕКАДЕ“, порачала пејачката.
„Flowers“ најслушана песна
Од 1 јануари 2023 „Spotify“ го користеле над 574 милиони луѓе ширум светот. На светско ниво, песната „Flowers“ од Мајли Сајрус била најслушаната песна на годината со 1,6 милијарди преслушувања додека „Un Verano Sin Ti“ од Бед Бани бил најстримуваниот албум на светот.