Пејачот Дино Мерлин одржал четири успешни концерти во Белград. Во неговите песни многумина се пронаоѓаат затоа што навистина се емотивни, а малкумина знаат какви приказни всушност се кријат зад нив.
Токму еден од неговите најголеми хитови „Moj je život Švicarska“ крие вистинита приказна за една љубов од младоста на Дино Мерлин.
Имено, тој како младо момче бил многу сиромашен, но сакал една девојка која го напуштила и отишла во Швајцарија со богат маж, пренесува „Нова.рс“.
Кога се прославил, таа се вратила во Сараево поради него, а тој ѝ ја посветил оваа песна и стиховите: „Imam sve što poželim, samo jedno ne, da me neko bar na tren voli zbog mene“.
Дино е роден на 12 септември 1962 година во Сараево, а вистинското име му е Ервин Делишхалидовиќ. Неговата животна приказна е длабока и исполнета со тага, предизвици и триумфи.
Тој се родил во скромно семејство, а кога имал само пет години татко му го напуштил, пораснал само со мајка му. Со оглед на финансиските тешкотии многу рано започнал да работи, дури и во фабрика, додека музиката секогаш била негова страст, со посебен акцент на гитарата.
„Јас немав благослов од моето семејство кога почнав да се занимавам со оваа работа. Мојата мајка никогаш не беше среќна со мојот избор, секогаш мислеше дека треба да бидам инженер или некој фин господин со вратоврска кој работи од седум до три. Но, мајка е мајка. Така што ми помогна да купам нова гитара, мислејќи дека таа моја гитара ќе ја свирам само едно лето и дека желбата ќе ми помине“, изјавил Дино Мерлин.