Го нарекуваат лудак: Мавта со моторна пила и би можел да биде голем проблем за Европската унија

Точка

20/11/2023

20:32

4.598

Големина на фонт

а а а

На крајот ни Тејлор Свифт не можела да ја спречи неговата победа. Американската поп-ѕвезда неодамна дури три пати настапила во Буенос Аирес, а нејзините аргентински фанови започнале голема кампања под мотото: „Swifties don’t vote for Milei“. Младите, посебно женските фанови на социјалните мрежи како мантра повторувале дека Свифт се позиционирала наспроти Доналд Трамп со изјавата: „Мора да бидеме на вистинската страна на историјата“.

Сега поранешниот, а можеби и иден претседател на САД бил еден првите кои му честитале на Хавиер Милеи по победата против Серхио Маса во вториот круг од претседателските избори: „Горд сум на тебе. Ќе ја средиш Аргентина и повторно ќе ја направиш голема“.

Сепак, 53-годишниот самопрогласен „анархо-капиталист“ не сака да се задоволи со еден пресврт за да го најави „крајот на пропаѓањето на Аргентина“ и земјата повторно да ја направи светска сила со „модел на слобода“. Ел Локо, или Лудак, како што гласел неговиот прекар во младоста, доаѓа со моторна пила која во предизборната кампања долго ја користел како симбол за помош на земјата која економски пропаднала со инфлација од повеќе од 140 проценти и 44 милијарди долари долг кон Меѓународниот монетарен фонд, сакајќи да ја „стави“ на неолиберална шок-терапија, пишува „Deutsche Welle“.

Милеи сака да го воведе американскиот долар како средство за плаќање наместо аргентинскиот пезос, кој го опишал како „измет на политичката класа“. Тој сака да ја укине централната банка, а државата, во неговите очи „злосторничка организација“, сака да ја сведе на минимум со само 8 министерства наместо со 18 и радикално да ја намали јавната потрошувачка.


Аргентинците се уморни од економската криза

Политичкиот аутсајдер, кој во Аргентина речиси никој не го познавал до пред две години, ја „ја погодил жичката“ за 35 милиони гласачи со право на гласа и победил во 23 од 26 покраини против сегашниот министер за економија Серхио Маса. Тоа била повеќе од убедлива победа. Тоа што во ТВ дуелот пред изборите бил инфериорен во однос на аса повеќе не било важно, напротив. Тоа можеби дури и поттикнало многу негови гласачи.

Бесот против владејачката перонистичка партија, која владеела 16 од последните 20 години и не успеала да го спречи економскиот пад, бил преголем. Презирот кон „паразитската и бескорисна каста“ е преголем, со оглед на тоа дека Милеи постојано го критикувал „тоа горе“ и естаблишментот, кој влегува во проблеми поради корупциски скандали. А безнадежта е преголема во земјата која по Втората светска војна била една од десетте најбогати нации на светот, а во која денес 40 проценти од населението живее во сиромаштија.

Вториот круг од изборите пред сè бил пресметка со мото: „Полошо не може да биде“. Посебно меѓу младите машки гласачи, кои не познаваат ништо освен криза, Милеи, поранешен пејач, бил ценет како поп-ѕвезда.

Слично како и Жаир Болсонаро во Бразил, успешно се потпрел на кампањата на социјалните мрежи, која ја диригирала неговата сестра Карина, која пред две години читала од тарот-карти н продавала колачи на Инстаграм. И на максималната поларизација на земјата која ја спојува само Лионел Меси и аргентинската фудбалска репрезентација.


Милеи го потресува процес на соочување со воена диктатура

Поделбата веројатно ќе се зголеми, со оглед на тоа дека Милеи планира да ја врати социјално-политичката ситуација во Аргентина децении назад. Милеи повикува на строга забрана на абортусот, климатските промени ги смета за социјалистичка лага и дури во игра би вовел и слободен пристап до оружје, од што се откажал непосредно пред вториот круг на избори. Покрај се, идниот претседател на Аргентина се сомнева во бројката од 30.000 кои исчезнале во текот на аргентинската воена диктатура.

Неговата потпретседателска кандидатка Викториа Виљаруел постојано зборува за само 8.751 жртва во својата теорија за „два ѓаволи“, наведувајќи дека имало жртви и поради тероризмот на левицата. Просторот до 17 хектари на кој споменикот на најголемиот центар за мачење од тоа време, кој е прогласен за светско наследство на „UNESCO“, требало подобро да се искористи за градење на училиште во Аргентина, смета таа.

Реакциите во јужноамериканските држави на изборната победа на Милеи се показател дека Аргентина би можела да се изолира и надворешнополитички. Бразилскиот претседател Лула, кого Милеи во предизборната кампања го наведувал нарекувајќи го комунист, му честитал во склад со обврската, но не му го спомнал името. Левичарскиот претседател на Колумбија Густаво Петро ја опишал победата на екстремната десница во Аргентина како „тажна за Јужна Америка“.


Загриженост и надвор од Јужна Америка

И внатре во јужноамериканскиот економски сојуз „Mercosur“, кој ги вклучува Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, радоста за победата на Милеи е многу ограничена: новиот претседател, имено, најавил дека Аргентина ќе оди по својот сопствен пат. Германија, а посебно ЕУ, поради тоа веројатно внимателно го следат развојот на ситуацијата во Аргентина. Реализацијата на децении планираниот договор за слободна трговија меѓу „Mercosur“ и Европската унија со Милеи станала се само не полесна.

Меѓутоа, човекот кој дури и папата го нарекол „вошлив левичар“, но подоцна му се извинил на својот сонародник во Рим, се соочува со бројни политички препреки за остварување на својата радикална програма. Аргентинската централна банка едноставно нема толку американски долари за воведување на валутата на САД како платежно средство, што веќе самото по себе е комплициран процес. Традиционално силните синдикати на плановите за штедење ќе одговорат со повеќедневни штрајкови, а со помалку од 20 проценти во Пратеничкиот дом и нешто повеќе од 10 проценти меѓу сенаторите, ниту еден претседател немал толку мала поддршка во аргентинскиот пратенички дом уште од 1983-та.

И така уште сега е прашање како каков претседател ќе влезе Хавиер Милеи во аргентинската историја. „Знаете која е разликата меѓу генијалец и лудак?“, прашал Милеи неодамна. И веднаш одговорил: „Успех“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг