Гаши – фон дер Лајен: Економска интеграција на единствениот европски пазар пред интеграција во ЕУ

Макфакс

15/10/2025

19:58

193

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамките на нејзината тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, е во посета на земјава. На средбата присуствуваше и заменикот на генералниот секретар на Собранието, Бобан Стојаноски.

Посакувајќи и добредојде во Собранието во име на пратениците, претседателот Гаши истакна дека оваа посета ја разбира како поддршка и афирмација на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат.

Понатаму истакна дека за Северна Македонија, како земја кандидат, Европската Унија не е само политички и економски блок, туку претставува посветеност на вредностите како демократијата, владеењето на правото, човековите права и солидарноста.

Истакна дека и кога земјата се соочувала со најголемите предизвици, граѓаните не се поколебале во однос на членството во ЕУ.

Нагласи дека слоганот на ЕУ „обединети во различностите„ најдобро ја опишува Северна Македонија, а изрази и благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој ветува значително подобрување на економскиот и социјалниот развој на државите во регионот и нивна поголема интеграција во ЕУ.