Германија објави нов водич за случај на криза и катастрофа: Еве што сè треба да подготвите за 10 дена

Точка

15/10/2025

19:20

674

Големина на фонт

а а а

Во новиот водич се наведува дека залихите храна можат да бидат корисни во бројни ситуации – било да станува збор за ненадеен прекин на струја, екстремни временски услови, ненадејна болест или ако рафтовите во продавниците останат празни.

„Германија е една од најбезбедните земји во светот. Сепак, сме сведоци дека и во Германија кризите ги нарушуваат нашите вообичаени секојдневни активности“, наведува Сојузната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (BBK), која го објави новиот водич „Подготовка за кризи и катастрофи“.

Имено, станува збор за водич кој ги сумира препораките за подготовка и постапување во различни итни ситуации. BBK напоменува дека екстремните временски услови стануваат сè почести, додека сајбер-нападите, дезинформациите и саботажите предизвикуваат напади врз инфраструктурата и општествената кохезија.


„Дури ни војната веќе не изгледа толку невозможно како пред неколку години. Кога нешто ќе се случи, подобро е да си подготвен“, порачале од BBK.

Препораките од водичот се насоки за германските граѓани и можат да помогнат при подготовка за кризи, покажувајќи како да се справат со екстремни ситуации.

„Подгответе залихи за најмалку десет дена“

„При создавање залихи треба, на пример, да се земат предвид различните прехранбени нетолеранции, лични преференци и несклоности, како и околностите во поглед на можностите за складирање – затоа секоја личност мора самата да го најде идеалниот состав на своите залихи“, порачува BBK и додава: „Општо земено, треба да бидете во состојба самостојно да се снабдувате најмалку десет дена. Но, дури и залиха за барем три дена веќе е многу корисна.“

Во водичот се наведува дека залихата храна може да биде корисна во многу ситуации – како што се ненадеен прекин на струја, екстремни временски услови, ненадејна болест или празни рафтови во продавниците.


Препорачано е да се има храна која не бара ладење и нема да се расипе при прекин на струја, храна која не бара готвење и храна што може да се подготви со малку енергија.

Што се однесува до водата, се истакнува дека е идеално да се има по две литри на лице дневно.

Граѓаните побараа инструкции

Сојузната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи, основана во 2004 година, појасни зошто темата за војна е вклучена во новиот водич.

„Во контекст на руската агресорска војна против Украина, многу граѓани ѝ се обратија на Сојузната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи со грижи и прашања поврзани со темата за војна. Истражувањата покажаа дека многу луѓе сакаат повеќе информации и препораки за подготовка по ова прашање. Тоа беше земено предвид при ревизијата на водичот.“

Во водичот стои дека за што подобро управување со кризи, точните информации за ситуацијата и соодветните препораки за дејствување се многу важни.


„Во нејасни ситуации може да постојат контрадикторни и лажни информации, на пример, на социјалните мрежи. Тоа понекогаш доведува до недоразбирања или гласини. Понатаму, постојат актери кои намерно шират лажни информации. Нивната цел е намерно да влијаат на мислењата, да ги вознемират луѓето, да ја поткопаат довербата во дејствувањето на владата и да ја ослабат општествената кохезија. Колку е некој извештај поемотивен или подраматичен, толку почесто се споделува. Тој ефект често се користи за намерно ширење на лажни информации. Т.н. дезинформации се многу опасни, особено во вонредни ситуации и кризи. Дезинформациите можат да ги вознемират луѓето и да доведат до погрешна проценка на ситуациите“, се наведува.