„Specialty coffee“ културата во Македонија постои 10-на години, но во последните 2-3 години има голем напредок. Тоа значи дека кафе-културата во Македонија се развива на едно повисоко ниво, полека, но сигурно.
Некои луѓе сакаат да пијат кафе само за да ги разбуди, но други сакаат различно да го доживеат кафето, да ја почувствуваат вистинската арома и вкус на овој за многумина магичен напиток.
Ова е нов правец на култура и за дел од луѓето е доста непознат, но во разговор со луѓето кои работат во оваа бранша тимот на „Точка“ ќе се обиде да ја приближи оваа култура до читателите. Оние кои го работат ова, велат дека нивната цел е да ги научат луѓето да пијат убаво кафе за убава цена и пред сѐ да ги запознаат со оваа култура.
Тие едногласно упатија и една порака до македонската јавност: „Луѓето треба да бидат храбри, да пробуваат кафе од различни региони и да бидат поотворени за нови вкусови“.
Ова е нашиот избор на ТОП 5 „Specialty coffee“ локали во Скопје
1. „Dabov Specialty Coffee“
„Специфично за „Dabov Specialty Coffee“ е тоа што Јордан Дабов којшто е сопственик на брендот, пред 20 години го има почнато овој бренд. Неговата љубов била музиката и таа музика ја свирел во Чешка во Прага. Во тие кругови во тоа време почнале многу да се интересираат за „specialty coffee“ и сите тие музичари после факултет или пракса оделе во кафулиња и пробувале „specialty coffee“, па Дабов после четири години ја заменува пасијата за музиката со кафето, па доаѓа во Софија и ја започнува „Dabov“ приказната каде има кафе, високо ексклузивни чаеви и чоколадо. После 20 години тој е еден од 100-те интернационални судии за кафе, значи кај има натпревар за кафе него го викаат и склучува директен договор со фармите.

Ние работиме со многу мали фарми кои повеќе се грижат за квалитетот отколку за количината кафе. Генерално нашето кафе има три пати помалку кофеин, но има многу јаки и изразени вкусови. Ова кафе е за кафе-пијачи. Има луѓе кои доаѓаат тука и за 10-на минути пијат по 3 кафиња. Кафето има многу изразени ароми, а тие се добиваат при степенот на печење, имате зрно и имате печење, тоа е умешноста на „roaster“.
Во моментов најтрошено кафе е Бразил. За луѓето Бразил е познат регион и знаат што да очекуваат од аромата и вкусот, па тоа е најосновното кое го нудиме.

Нашето кафе е поделено во серии, кафеавата е посредно печено кафе, црвената посредно светло-печено, таа е добра и за кафе со млеко, плус имаме ексклузивни кафиња, „лајт“ печени, колку помалку го печеш толку повеќе вкусови и ароми има. Ние на оваа локација сме 2 години, си ја откупивме франшизата и кафето е достапно на нашиот маркет, па денеска има некои луѓе кои не можат без ова кафе. Имаме дистрибуција на мало и на големо“.

2. „L'аngolo Di Caffè“
„L’angolo постои од 2017 година, а со кафето се запознавме првпат на саемот во Римини, истата година. Сакавме да работиме со кафе и затоа го посетивме саемот да го одбереме кафето. Од големата понуда која ја имаа, нѐ освои кафе Италија, тоа е кафе што потекнува од Фиано Романо, таму е фабриката на кафето, а тоа е во близина на Рим.

Кaфе Италија има широк репертоар на кафе, има неколку сорти, покрај составот што е различен имаат различно уметничко име и затоа се лесно препознатливи кај луѓето кои се наши консумери.
Ние имаме малку поразличен пристап на работата со кафето, па можеби затоа отскокнавме уште тогаш од останатата понуда во градот. Имаме едукативен пристап. Многу малку луѓе тогаш, пред 5-6 години, знаеја за кафето, а има и сега уште луѓе што првпат се среќаваат со Робуста, со Арабика. Најчесто луѓето го делат кафето на „не сакам кисело, сакам горко“, па и тоа е добро, но полека, полека ова од „шоу рум“ прерасна во одлична кафетерија.

Кога почнавме најмногу се пиеше Леонардо, тоа е традиционално кафе, 90 отсто Робуста. Тоа е многу горко, јако кафе, повеќе крема има, меѓутоа сега не можам да кажам дека се троши еден вид на кафе. Паралелно се трошат сите, па луѓето почнаа да бараат да пробуваат нешто ново како што се Панама, Етиопија, Колумбија така што еднакво сите се трошат“.

3. „Lipa Cafe“
„Локалот Липа постои од 20 мај 2023. Почнавме со Липа, станавме Липа Ленинова, тоа ни е име и презиме, така и се „крстивме“ на Инстаграм и така и остана.

До идејата да го отвориме локалот дојдовме така што ние сме големи љубители на кафе. Едниот со едно искуство, другиот со друго, па сега овој бизнис „брак“ што го направивме со партнерот, вроди плод, па ќе видиме на каде ќе оди оваа приказна.

Ние нудиме „speciality coffee“, тоа значи дека сме над тие 85 отсто квалитет на кафе, се прави секаква постапка почнувајќи од еспресо, до филтер, ладни и топли, со млеко или без. Сепак се препорачува да се пие еспресо за да се осети вистинскиот вкус на кафето, односно неговиот квалитет, целиот пристап правилно, а ако не тогаш имаме разбирање бидејќи генерално оваа култура кај нас е нова. Па, така најчесто тука се пие чисто еспресо, имаме прекрасен „фитбек“ од посетителите и сѐ повеќе се пие дупло еспресо и генерално тоа е правилен начин да се пие „specialty coffee“ бидејќи по грамажата и по текот може да се направи производ што ќе биде правилен“.

4. „Drip Coffee“
„Јас сум Влатко Ангеловски, експерт за кафе повеќе од 20 години. „Specialty“ културата ја живеам 15 години, а местово постои 7 години. Почетоците се тука, но повеќе работи сум учел на страна.Секоја чашка, секое место тука има некое непроценливо значење. Голем дел од шолјите се од девојки кои доаѓаат тука и специјално сакаат да пијат кафе во нив, што тоа многу ме радува. Има многу дечиња и луѓето тука се чувствуваат како дома. Многу ми е мило зошто така и го замислував ова место.

Ние сме кафе нација која повеќе сака да пие кафе со млеко, а сите овие филтерски методи и за мене беа предизвик, одамна пред 15 години, а за нив мораше да бидам обучен надвор. Како експерт за кафе не можам да издвојам омилено кафе или омилен регион на кафе, сите еднакво ги почитувам.

Луѓето за мене зборуваат дека сум најголем експерт во државава за кафе, тоа многу ретко може да го слушнете од мене, но дипломите сведочат за тоа.
Кафе има од повеќе региони, се увезува зелено сурово, се пече тука, тоа е цел еден процес.“

5. „The Dude Specialty Coffee“
„The Dude е специјализирана кафетерија, во моментов служиме кафе Типика, тоа е локален скопски „roaster“, како и Кин којшто е „roaster“ од Холандија поточно од Утрехт. Секој ден се трудиме да имаме различни видови кафиња или кафиња од различни региони. Така им даваме можност на нашите гости и сите љубители на кафе да можат да пробаат нешто поинтересно и поспецифично од светот на кафето.

Ние секогаш се трудиме да имаме избалансиран вкус зошто најчесто тука луѓето се запознаваат со „specialty“ културата на кафето, така што секогаш ја имаме опцијата за Бразил која некако е преодно прво кафе за да може да ги пробате и останатите. Се трудиме да имаме кафиња со различни ароми и вкусови. Претежно служиме само 100 отстотна Арабика која има свои спецификации, поточно се работи за кафе кое има повеќе овошни ноти.

Бразилот е малку почоколаден, додека африканските имаат поовошна нота, односно секое кафе си има своја одредена специфичност. Покрај стандардните ароми на кафе како еспресо, макијато, капучино, служиме и филтерски постапки како кемекс, аеропреса, потоа правиме и турско кафе, значи кај нас може да пробате кафе во сите форми.
„The Dude“ постои три години, а тука персоналот сите тие години е во ист состав.

Кафе пијат секаков профил на луѓе, така што во нашето кафуле може да сретнете различен вид на луѓе, од деловни луѓе, до „андерграунд“. Еден господин доаѓа секое сабајле, има 82 години така што нема старосна граница за љубителите на кафе, а тоа е убавината затоа што кафулето не се поврзува со одредена шема туку со самиот производ којшто го продаваме и нудиме“.
Автор/Фото: М. Нестороска















