„Самицата во Иран не може да се спореди со изолацијата во западните затвори“, објаснува Таги Рахмани. Тој тоа го почувствувал на своја кажа. Според податоците на невладината организација „Репортери без граници“, тој е „најчесто затворан новинар во Иран“.
„Во самица во Иран сте затворени и немате никаков облик на комуникација. Нема посети, нема книги, нема можност за пишување. Носите превез преку очи и слушате само звуци“, раскажал Рахмани за „Deutsche Welle“ на проекцијата на филмот „White Torture“. Документарецот разоткрива методи на психолошка тортура, на која се изложени политичките активисти во Исламската Република.
Сопругата на Рахмани, Наргес Мохамади, исто така е активист за заштита на човековите права и потпретседателка на иранскиот „Defenders of Human Rights Center“ (DHRC), кој иранската влада го забранила во 2008-ма година. И таа во последните 25 години повеќе пати била апсена и осудувана на долгогодишни затворски казни. На Исламската Република не и се допаѓа кога се преиспитуваат нејзините биланси за кршење на човековите права.
Мохамади поради критиките кон тамошната влада прв пат била затворена на една година во 1998-ма. Подоцна следеле и други затворски казни. Во мај 2016-та година во Техеран била осудена на 16 години затвор бидејќи „основала движење за заштита на човекови права кое се борело за укинување на смртната казна“.
И покрај сите напори на режимот, неуспешни биле обидите Мохамади да се замолкне. Активистката почнала да го документира патењето на оние кои биле со неа во затвор. Тие интервјуа се објавени во книгата „White Torture“. Истоимениот документарен филм на Галарех Какаванд дополнително ги претставува бруталните постапки кон политичките затвореници во самиците.
Изразот „бела тортура“ се однесува на психолошкиот метод кој се применува во Иран: затворениците на подолг, неодреден временски период се затворени во изолациска ќелија во која се е бело.
Тешко за поднесување: признанија изнудени под принуда
Филмот „White Torture“ тукушто е прикажан во Берлин. Проекцијата ја организирала групата за заштита на човекови права „Hawar“. На проекцијата имало активисти и активистки, поранешни политички затвореници и роднините на затвореници со двојно државјанство, а кои моментално се наоѓаат во затвор во Иран.
Филмот е „многу тежок за гледање“ бидејќи мачењето се прикажува експлицитно, вели Мариам Кларен, ќерка на Нахида Тагавија, еден од политичките затвореници во Иран. Иранските влати не дозволиле прикажување на филмот, вели Кларен – бидејќи „Белата тортура“ го прикажува тоа што всушност „не се гледа“.
Всушност, било очигледно дела некои ситуации се премногу шокантни за да бидат прикажани. „Престојот во самица е навистина болна ситуација“, вели авторот Геларех Какаванд. „Зад кулисите на овој документарец има многу емоции и интервјуа, кои беше невозможно да се снимаат. Се надевам дека гледачите по гледањето на филмот ќе можат да им се посветат на затворениците“.
Тајно снимање
Голем дел од снимањето на овој документарен филм е направено меѓу претпоследниот и сегашниот престој во затвор на Наргес Мохамади. Таа задача била се, само не лесна. За да се избегнат тамошните власти, се снимало во тајност.
„Условите во кои е сниман филмот беа тешки“, вели Вахид Зарезадех, ирански режисер кој бил принуден да побегне од земјата. Пред тоа бил на испитување бидејќи во своите филмови укажувал на грозни услови во затворите во Иран. „Во првите минути од филмот гледачот гледа сцена во која еден од агентите од Министерството за информирање на телефон ја бара Наргес Мохамади. Отидовме кај неа спонтано, да направиме некои интервјуа. Но, групата, која работеше на филмот, на таа локација не отиде заедно. Наргес, на пример, возеше одвоено, на мотоцикл“.
По петти пат во затвор
Во меѓувреме продолжува маченичкиот пат на Нарге Мохамади – таа, од своето прво апсење во 1998-ма година, по петти пат се нашла зад решетки.
Во декември 2022-ра година, за време на протестите предизвикани од смртта на Махсе Амини, Мохамади во еден свој извештај, кој го објави „BBC“, го опишала сексуалното и физичко злоставување на затворени жени.
Во јануари 2023-та година следел мачен извештај во кој детално се опишува состојбата на жените во затворот Евин, вклучувајќи листа од 58 затворенички и испрашувањето и мачењето на кои биле подложени. Затворот Евин, инаку, е најважна локација кога станува збор за затворањето на политички затвореници во Иран од 1972-ра година.