[ФОТО/ВИДЕО] Американецот Роберт Франсис Превост е новиот папа – Го зеде името Лав XIV, па го одржа првиот говор: „Бог нè сака сите, безусловно“

Точка

08/05/2025

20:08

2.187

Големина на фонт

а а а

Новиот папа е Роберт Франсис Превост и го зел името Лав XIV.

Поголемиот дел од својот свештенички живот го поминал надвор од Соединетите Американски Држави, претежно во Перу, каде што бил пастор, професор, едукатор и епископ. Ова го прави еден од ретките американски кардинали со длабоко искуство во Латинска Америка.


Тој е префект на Дикастеријата за бискупи, една од највлијателните позиции во Ватикан. Превост е умерен, способен за дијалог и поврзување на различни струи во Црквата, сметаат аналитичарите. Неговиот стил и приоритети се блиски до реформскиот дух на папата Франциско, поради што ужива поддршка од некои кардинали кои сакаат континуитет.


„Гардијан“ пишува дека Превост е „ѕвезда во подем“ и го цитира католичкиот весник „Крукс“ во кој се вели дека Превост е „познат по своето црсто расудување и остри вештини за слушање“. „Гардијан“ пишува дека Превост го засенил фаворитот Паролин.

Инаку тој се соочи со критики за начинот на кој се справувал со случаите на сексуална злоупотреба за време на неговата служба во Перу и претходно во САД. Иако неговите застапници нагласуваат дека тој дејствувал според црковните правила, некои критичари веруваат дека тој не реагирал доволно транспарентно и решително.

Првиот Американец кој станал папа

Роберт Франсис Превост е американски кардинал и член на Редот на Свети Августин (О.С.А.), роден на 14 септември 1955 година во Чикаго.

Превост ја добил својата диплома по математика на Универзитетот Виланова, а потоа магистрирал по теологија на Католичкиот теолошки сојуз во Чикаго. Потоа, тој го завршил својот лиценциран и докторски степен по канонско право на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквинас“ (Ангеликум) во Рим.


Тој е ракоположен за свештеник во 1982 година, а во 1985 година е испратен како мисионер во Перу, каде што поминал речиси две децении. Таму тој имал разни пастирски и образовни позиции, вклучувајќи ја и службата на игумен, професор и дворски викар.

Во јануари 2023 година, тој беше назначен за префект на Дикастеријата за епископи, телото одговорно за назначување епископи низ целиот свет, и претседател на Папската комисија за Латинска Америка. Во септември истата година, папата Франциск го назначи за кардинал.

Инаку Превост течно зборува англиски, шпански, италијански, француски и португалски јазик, а може да чита и латински и германски јазик.

Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав XIV, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и го одржа својот прв говор по изборот пред десетици илјади собрани верници.

Во своето прво обраќање до верниците, 70-годишниот папа Лав XIV, роден во Чикаго, започна со зборовите: „Мир со сите вас. Браќа и сестри, ова е првиот поздрав од воскреснатиот Христос. Би сакал да упатам поздрав на мир што ќе стигне до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека биде мирот со вас.“


Тој го одржа својот говор на италијански, а публиката го поздрави со громогласен аплауз и навивање.

Потоа Папата продолжи со порака за љубов и единство, велејќи дека „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му се заблагодари на својот претходник, папата Францискo, и изрази желба, како него, да им го даде својот благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.

„На човештвото му е потребен Христос како мост преку кој ќе стигне до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и дозволете ни да си помагаме едни на други, да градиме мостови“, рече новиот папа.

Во последниот дел од својот говор, Папата ги покани верниците заедно да се молат на Дева Марија, а плоштадот повторно одекна со ентузијазам.

По молитвата, тој прочита дел од светиот текст на латински јазик во чест на светците и Дева Марија.