Еден од најтешките модели во доменот на персонални автомобили изненади на тестот за избегнување на лос.
Шпанскиот „km77“ на тест го донесе „BMW XM“, прв самостоен „M“ модел, но и со 2800 килограми најтешкото „BMW“ на пазарот. Тоа е монструм кој привлекува внимание со огромните димензии, но и со моќта. Сето тоа спакувано на четири тркала мора да биде и динамично уверливо.
Очекувано, „XM“ не успеал да задоволи во тестот за избегнување на лос при 77 км/ч. Не успеале ни многу побрзите и спортски модели. Но, затоа „XM“ успешно ја завршил работата при 74 км/ч, а притоа тест возачот нагласил и дека и по губењето на влечната сила „XM“ се однесува многу предвидливо и никогаш не влегува во доменот на опасни маневри.
„Се на се, реакциите не биле многу поинакви од оние опишани во другите обиди: мало заносување, чисти и релативно брзи движења и високо чувство на безбедност“, изјавува водителот. „Морам да признаам дека не бев во право со оглед на првиот впечаток кој го стекнав при првиот обид, реков дека ќе ми биде потешко да минам меѓу пречките, но вистината е дека беше прилично лесно“.
„XM“ посебно се покажал во слалом возење. Тестната патека ја завршил за 22,9 секунди, што е побрзо од значително помалиот и полесен „Audi RS3 Sportback“. Впрочем, може да се заклучи дека во однос на динамиката на возење, „BMW“ не разочарал.