Четвртообвинетиот во случајот „Софтвери“, Даниел Станчев, среде судница ја побара својата девојка за жена, откако му пресудија 4-годишна затворска казна. Неговата девојка се согласи да му биде жена.
– Тоа што е земено за околност дека ќе се дадам во бегство како неженет, јас со моето срце во овој момент ја прашувам Ирена Ивановска: ‘Дали ќе се омажиш за мене? Дали по осум години можам да ти го понудам моето срце? Јас ќе бидам до тебе. Тоа е единствена причина што останав во оваа држава тука, праша Станчев. Потоа клекна на колена, а Ирена Ивановска која беше осудена на затворска казна од три години и шест месеци, го кажа судбоносното „да“.
Судијката им честиташе на прекрасниот момент пред да се повлече од судницата за да решава дали ќе им одреди притвор, пренесува А1он.
– Прекрасен момент за вас двајцата, нека ви е со среќа, но дали имате други причини како околност да се браните од слобода – рече судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
За потсетување, денеска паднаа пресуди за случајот „Софтвери“. Првообвинетиот Драги Рашковски е осуден на единствена казна затвор од осум години. Второобвинетиот Ивица Димитровски доби пет години казна затвор. На Игор Христов му е одредена казна од пет години и шест месеци. Четвртообвинетиот Даниел Станчев е осуден на 4 години. Ирена Ивановска доби три години и шест месеци, а хонорарците Игор Ивановски и Маја Силјановска добија три години затвор. Казните ги изрече судечкиот совет, чиј претседател е судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.