Нови детали од животната борба на Лила: „Кога ми падна косата мислев дека ќе плачам - се погледнав и си реков тоа е тоа, жени и намерно се шишаат ќелави“

Точка

30/03/2023

11:31

12.311

Големина на фонт

а а а

Во познат скопски хотел вчера македонската публика имаше можност одблизу да ја запознае популарната српска хуманитарка и инфлуенсерка Ана Дорник, жената која со својата работа им помага на многу жени да се справат со борбата со ракот.

На настанот беше промовирана нејзината автобиографска книга „Ти си таа“. Гостите имаа можност да проследат дел од нејзините мотивациски говори, но и да ја запознаат и да поразговараат со неа.

Специјален гостин, панелист на трибината, беше Лила Филиповска која ја сподели својата приказна за борбата со ракот на дојката.

„Се хранам здраво, живеам здраво, позитивна сум, пишувам, се дружам со луѓе. Меѓутоа, јас имав тага во галони“, со овој цитат од писателката Исидора Бјелица, Филиповска го почна своето обраќање посветено на нејзината борба со ракот на дојка.

Најголемата ТВ ѕвезда во нашата земја, преку инспиративен говор го сподели своето искуство и порача дека ракот е победлив.

„Чувствата се тие кои се причина за многуте болести. Јас знам од каде сето тоа потекнува и јас бев лута сама на себе затоа што мислев дека сè можам да контролирам. Освен што прележав ковид, јас во мојот живот немав никаква друга болест, ниту притисок, ниту холестерол, ама никаков проблем, ни хроничен, ни акутен. Јас живеам здраво и бев лута дури и кога се заразив со ковид, си велев како можев да дозволам ковид да прележам“, вели Лила.


Водителката откри дека по загубата на нејзиниот татко се соочила со огромна тага, но љубовта кон нејзиниот син и мајка придонела да продолжи напред. Меѓутоа, стресот си го направил своето.

„Јас потсвесно знаев дека тоа мора некаде да ‘удри’. Тоа и се случи“.

„Разговарав сама со себе и си реков „виде сега што направи?“. Е сега како дозволи да влезеш во „кашава“, така има сега да излезеш. Не постои компромис. Нема тука хероини, изборот е или легнуваш, или се бориш со сите сили, размислуваш на позитивен исход“, вели водителката.

Кога ѝ соопштиле дека има карцином, таа вечерта веќе размислувала дека ќе биде излечена и знаела дека нема откажување на патот до оздравување.

„Размислувам колку време ќе ми треба, си помислив мојата кариера е пред очите на јавноста, јас живеам од тоа. Ако јас сега легнам и кажам „готово, тоа е тоа“, од што јас ќе живеам? Првин, го сакам животот и сакам да живеам. Второ, докторот којшто ме оперираше во Турција ми рече Лила ти не си болна, само ќе го отстраниме тоа што треба“, раскажува водителката.

Филиповска вели дека понекогаш е добро да се плаче, но признава дека самата често се воздржува да пушти солза.

„Тоа не е за браво, подобро е кога плачете. Тоа што ретко плачам е една од причините поради кои ова ми се случи. Јас од инает плачев и тоа само двапати“, вели Лила и додава дека првиот најтежок момент ѝ бил непосредно по операцијата, а другиот кога дознала дека ќе ја изгуби косата.

„Јас си мислев дека ќе добијам некоја хемотерапија од која нема да паѓа коса. Јас цел живот многу сакам долга коса, па носев сешто, и локни и пунџи. Во животот не сум била вака кратко шишана. Кога ми кажа докторот дека не постои магична хемотерапија и дека кај жените заболени од рак на дојка паѓа косата, тоа ми беше второ плачење. Но тој ми кажа дека од сето ова ќе излезе нешто добро. Тоа добро е тоа што сум сега тука“, открива Лила.

„Кога ми падна косата мислев дека ќе плачам, се погледнав и си реков тоа е тоа, жени и намерно се шишаат ќелави. Си реков „убава сум“ и си ставив перика“, се сеќава водителката.

„Молете се и имајте нешто свето, тоа е убаво. Тоа го научив на хемотерапија. Сите другари беа со мене, но на хемо јас сум таа што ја дава раката и ја прима терапијата. Таму сте ти и Бог. Мене тоа многу ми помогна“, заклучува Лила.