Ковачевски до Ковачки: Не бев во војска поради абдоменален проблем, ти си кодош и дезертер - Македонија не се брани под јорган, одговори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

29/09/2022

13:13

2.884

Големина на фонт

а а а

Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека имал абдоменални проблеми и дека поради тоа не служел војска во 2000 година. Тој смета дека не е трајно неспособен, а од Собранието посочи: „Тој здравствен проблем го имам и сега“.

Ова објаснување доаѓа по прашање од пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кого го нарече кодош кој изнесувал документи од АРМ (каде што Ковачки беше полковник).

„Јас Димитар Ковачевски ветив дека ќе ја зборувам само вистината. Сосема накусо, во 2005 година, согласно сите законски процедури, согласно Законот за одбрана член 51 во рамки на повеќестепена процедура, врз основа на мислења од стручни лица, а поради здравствен абдоменален проблем кој сè уште го имам, се регистрираше фактот дека не можам да служам воена обврска. И тоа во 2000 година, пред воениот конфликт. Ниту сум бил прв ниту последен таков случај, базиран на таква состојба“ – кажа Ковачевски.


Според премиерот, дезертер е Ковачки кој од воена опрема облекол палто: „И го прави она што најдобро знае да го прави од Белата палата, да плука и по живо и по мртво. Тоа е движечка мизерија“.

Ковачевски побара конзилијарна медицинска поддршка.

„Јасно и гласно ја соопштувам вистината, не за да се објаснувам. Вистината и фактите не се објаснуваат, туку за да ја говорам вистината. Јас во 2001 година бев во Скопје и Куманово, му помагав на татко ми, кој беше градоначалник, им помагав на кумановчани, не избегав од државата, останав тука. А екипата на ДПМНЕ фаќаше кривини по грчките плажи“, додаде Ковачевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ правеле воен криминал во 2001 година, а тој се бори за граѓаните.

„Имаат проблем бидејќи се крадци, криминалци, насилници, неработници и кодоши. Бидејќи се растураат внатре помеѓу себе заради делење пари и тендери како последниот од 136 милиони евра. Како што цело раководство им е осудено на десетици години затвор поради криминал. Ги прочита народот“, кажа Ковачевски.

Ковачки до Ковачевски: Македонија не се сака со затворени очи, не се брани под јорган

Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ бара да се провери дали премиерот Димитар Ковачевски има деловна способност. Остана на ставот дека Ковачевски лажирал дека е неспособен за да не служи војска или е навистина неспособен.


Ковачки не беше задоволен од одговорот на премиерот кој кажа дека има абдоменални здравствени проблеми и дека поради тоа, не служел војска во 2000 година.

„Вие сте трајно неспособен. Ако сте трајно неспособен, тогаш треба да ви се утврди деловната способност. Македонија не се сака со затворени очи, Македонија не се брани под јорган како што сте правеле вие. Лажиравте дека сте трајно неспособен, вие сте срам за Македонија, ниту оставка не ви помага. Срам е да ја води Македонија лице кое одбило да ја брани. Проверете дали има друга држава каде дезертерите се на чело на државата и проверете каде се бранителите“ – кажа Ковачки.

Ковачки кажа дека времето ќе покаже кој лаже, а кој зборува вистина.

„Вие не сте премиер, вие сте марионета. Со лажомани и трајно неспособни лица, Македонија нема напредок. На цела јавност и е познато дека сте лажоман“ – додаде Ковачевски.