Германската влада од следната недела планира со уредби да пропише намалување на потрошувачката на гас и струја. Што конкретно значи тоа? Кој ќе мора да штеди и како?
Од следната недела во Германија важат нови прописи за штедење на енергија. Федералната влада на основа на Законот за обезбедување на снабдувањето со енергија донела две уредби. Првата важи од 1-ви септември до 28-ми февруари следната година, а втората на сила стапува на 1-ви октомври и ќе важи две години – таа допрва треба да биде потврдна од горниот дом на германскиот парламент, Бундесрат.
Според наводите на министерот за економија Роберт Хабек, целта на новите прописи е „со национални напори“ во следните две сезони да се заштеди многу повеќе гас. Тоа се однесува на домаќинствата, претпријатијата и јавните установи. Како и кој треба да штеди? еве краток преглед:
Пониска температура и во изнајмени станови
Од септември привремено се укинува уредбата во договорите за изнајмување на станови според која потстанарите се должни да одржуваат минимална температура во станот. Тоа значи дека тие ќе смеат и помалку да греат ако сакаат да штедат енергија. Тие сепак и натаму остануваат обврзани со соодветно однесување при греење и проветрување да спречат настанување на штета во изнајмена недвижнина.
Греење на приватни базени
Приватните базени – надворешни и внатрешни – не смеат повеќе да се греат на гас или на струја. Исклучок е ако базенот се користи во терапевтски цени. Таа забрана не се однесува на базените во хотелите, јавните базени и центрите за рехабилитација.
Максимална температура во јавни простории
Во јавните згради работните простории смеат да бидат загреани на максимално 19 степени Целзиусови – а ако во тие простории се вршат физички работи – температурата смее да биде и пониска. Во јавните згради по можност повеќе нема да има греење на ходниците, големите хали и просториите во кои има техника. Тоа правило не важи за болниците, старечките домови и другите социјални установи.
Топла вода во јавни згради
Во јавните згради исто така веќе нема да смее да се вклучуваат бојлерите за мијалниците кои се користат за миење на раце. Исклучок е ако водата се загрева од хигиенски причини. Таму каде што водата централно се загрева, температурата мора да биде намалена. Исклучок се училиштата, старечките домови и болниците.
Осветлување на згради и споменици
Осветлувањето на зградите и спомениците од исклучиво естетски причини повеќе нема да биде дозволено. Исклучок се осветлувањата кои траат пократко, на културни приредби и други свечености. Осветлувањето од безбедносни причини и натаму е дозволено.
Реклами, излози и врати на продавници
Светлечките реклами ќе мора да бидат исклучени од 22 до 6 часот, а исклучок е доколку се неопходни поради безбедност во сообраќајот, на пример на автобуски станици. Забраната за осветлување важи и за излозите на продавниците. А доколку продавниците се греат, тогаш меѓу септември и крајот на февруари нема да смеат да имаат отворена врата.
Должност за информирање на потстанари
Дистрибутерите на гас и сопствениците на поголеми станбени згради мораат своите купувачи, односно станари, правовремено да ги информираат за трошоците кои ќе ги имаат за енергија, како и за можностите за заштеда. Тоа мора да се спроведе најдоцна до почетокот на грејната сезона.
Контрола на системот за греење и потрошувачка на енергија
Од 1-ви октомври на сила стапуваат понатамошни мерки. Тие не се однесуваат на јавни, приватни и деловни згради. Предвидена е, меѓу другото, задолжителна контрола на системот за гасно греење еднаш годишно. Неефикасните системи за греење кои трошат премногу гас мора да бидат заменети.
Компаниите со потрошувачка поголема од 10-гигават-часа годишно, се обврзуваат на спроведување на мерките за рационална потрошувачка на енергија.