Додека Европа се соочува со енергетска криза и воведува мерки за штедење на енергија, Русија согорува необично големи количини на природен гас.
Најверојатно станува збор за гас кој инаку би се извезувал во Германија преку гасоводот Северен тек 1, каде планираат оваа зима да заштедат енергија со ограничување на температурата во јавните згради на 19 степени Целзиусови.
Експертите се збунети од ваквото однесување на Русија, а точната причина за зголемената активност и така масовното согорување на гасот во фабриката е непозната.
Руската фабрика за течен природен гас „Портоваја“ на границата со Финска согорува гас во вредност од околу 10 милиони евра секој ден, пренесува „BBC“, кој дошол до анализа на енергетската компанија „Риштад Енерџи“ со седиште во Осло. Според извештајот, таму би требало да се запалат околу 4,43 милиони кубни метри гас секој ден.

Првите знаци за необичната работа на фабриката ги забележале во текот на летото финските жители во градот во близина на границата со Русија. Фабриката се наоѓа во близина на почетокот на гасоводот Северен тек 1, кој инаку би ја снабдувал Германија со гас. Снабдувањето преку гасоводот е ограничено од средината на јули, што Русите го припишале на технички проблеми. Во меѓувреме, Германија тврди дека тоа е политички потег по руската инвазија на Украина.
Но, почнувајќи од јуни, истражувачите забележале значајно зголемување на топлината која излегува од објектот. Се претпоставува дека тоа е поради необично големите количини на природен гас кој гори во објектот. И додека ова е вообичаено во фабриките за преработка од технички или безбедносни причини, обемот на согорување на гасот ги збунува експертите. Никогаш не сум видел фабрика за течен природен гас да работи со таква сила – вели др. Џесика Мекарти, експерт за сателитски податоци на Универзитетот во Мајами во Охајо. „Имаме многу висок раст од почетокот на јуни, и едноставно не забавува. Активноста остана необично висока“, додала таа.

Научниците исто така ги процениле финансиските и еколошките последици од тоа: „Иако точните причини за согорувањето на таквите количини на гас се непознати, емисиите се видлив потсетник на доминацијата на Русија на европските енергетски пазари“, истакнала Синдра Кнутсон од „Риштад Енерџи“. „Русија не може да прати појасен сигнал дека утре може да ги намали цените на овој енергент. Тоа е гас кој инаку би се извезувал преку Северен тек 1“, додала таа.
Марк Дејвис, извршен директор на компанијата „Capterio“ за решенија за согорување на гас, вели дека согорувањето во овој случај не е случајно и дека е веројатно намерна одлука од оперативни причини, бидејќи операторите всушност не сакаат да ги затворат таквите фабрики од страв од трошоците за повторно отворање, рекол тој за „BBC“. Но, некои експерти веруваат дека Русија би можела да се соочи со технички предизвик во соочувањето со толку големи количини на гас. Тоа би можело да биде и резултат на трговското ембарго на Европа со Русија како одговор на инвазијата на Украина, пишува „BBC“.

















