Обединетите Арапски Емирати се подготвуваат да им помогнат на САД и нивните сојузници да го отворат Ормутскиот теснец, со што ќе станат првата држава од Персискиот Залив што директно ќе се вклучи во војна откако беше цел на ирански напади, објави „Волстрит журнал“.
Според арапски претставници, ОАЕ лобираат за резолуција на Советот за безбедност на ОН што би дозволила таква акција. Дипломатите од Емиратите ги повикаа САД и воените сили од Европа и Азија да формираат коалиција за да го отворат теснецот.
План за воена акција и чистење на мини
Функционер на ОАЕ изјави за „WSJ“ дека режимот во Техеран верува дека се бори за сопствен опстанок и е подготвен да ја загрози глобалната економија со блокирање на теснецот. Тој додаде дека ОАЕ разгледуваат специфични воени улоги, вклучително и учество во чистење на морските мини и обезбедување логистичка поддршка.
Според истите извори, ОАЕ веруваат дека САД треба да ги заземат стратешките острови во теснецот, вклучувајќи го и Абу Муса, кој Иран го контролира половина век, а на кој полага право и ОАЕ. Министерството за надворешни работи на ОАЕ нагласи дека постои „широк глобален консензус дека слободата на навигација во Ормускиот теснец мора да се зачува“.
Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив, исто така, сè повеќе му го вртат грбот на Иран и сакаат војната да продолжи сè додека режимот не биде ослабен или соборен, иако засега не испраќаат војници, објави WSJ. Бахреин, близок сојузник на САД во кој е сместена Петтата флота на американската морнарица, спонзорира резолуција на ОН за која би можело да се гласа веќе оваа недела.
Промената на ОАЕ претставува значајна промена во стратегијата, велат регионалните претставници. Дубаи со години е финансиски центар кој соработува, барем делумно, со Иран, а Емиратите се обидоа да посредуваат меѓу Вашингтон и Техеран пред војната.
„Волстрит журнал“ претходно објави дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да ја заврши војната без повторно отворање на Ормутскиот теснец, оставајќи ја таа задача на други земји.
Вклучувањето на ОАЕ во војната носи сериозни ризици. Таквиот потег би можел да ги влоши односите со Иран на долг рок, дури и по завршувањето на конфликтот.
Иран веќе ги засили нападите врз ОАЕ. Во последните денови, лансираше речиси 50 балистички и крстосувачки ракети и дронови, со што вкупниот број на ракети и дронови испукани кон Емиратите достигна речиси 2.500, повеќе отколку кон која било друга земја, вклучително и Израел, според WSJ.
Техеран се закани дека ќе ја уништи критичната цивилна инфраструктура на која било земја од Персискиот Залив што поддржува операции против нив.
„Тие би можеле да влезат во војната само за да се соочат со уште поагресивен Иран, да продолжат да страдаат од напади врз критичната инфраструктура и потенцијално да ја изгубат довербата на инвеститорите“, рече Елизабет Дент од Вашингтонскиот институт.
Иранските напади веќе ја погодија економијата на ОАЕ. Воздушниот сообраќај и туризмот се намалени, пазарот на недвижности е погоден, а имаше и отпуштања. Ова го доведе во прашање клучниот капитал на ОАЕ – нивниот имиџ како стабилна и безбедна оаза во нестабилен регион.
Како одговор, властите воведоа построги мерки, вклучително и забрана за влез за ирански државјани и затворање на иранските институции во Дубаи.
















