Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, им порача на земјите кои немаат гориво поради блокадата на Ормускиот теснец, дека можат да го купат од САД или да одат во теснецот и едноставно да го земат таму.
„Сите оние земји кои не можат да добијат гориво за авиони поради Ормускиот теснец, како Обединетото Кралство, кое одби да се вклучи во обезглавувањето на Иран, имам предлог за вас. Под 1, купете од САД, имаме многу од него, а под 2, соберете малку одложена храброст, одете во теснецот и само земете го“, рече Трамп во објава на социјална мрежа, пренесуваат медиумите во регионот.
Како што изјави, „Иран е десеткуван и најтешкиот дел е завршен“.

„Ќе мора да почнете да учите како да се борите за себе, САД повеќе нема да бидат тука да ви помогнат, исто како што не бевте ни вие таму за нас. Одете и земете си ја нафтата“, заклучи Трамп, според Танјуг.
Веднаш по ова соопштение, Трамп објави уште едно на социјалната мрежа, во кое ја критикуваше Франција.
„Франција не им дозволи на авионите што одеа кон Израел, натоварени со воена опрема, да летаат над француска територија. Франција беше многу неодлучна кога стануваше збор за „иранскиот касап“, кој беше успешно елиминиран. САД ќе го запомнат тоа“, рече американскиот претседател.








