Савески најави повлекување на сите обвинителски овластувања, на Ленче Ристоска ѝ се одземаат предметите „Талир“ против ВМРО-ДПМНЕ

A1ON.MK

31/03/2026

19:15

701

Големина на фонт

а а а

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески најави значајни промени во начинот на распределба на предметите во обвинителството, потенцирајќи дека ќе бидат повлечени сите овластувања на обвинителите кои постапуваат по случаи надвор од нивните матични институции. Одлуката, како што рече, има за цел да воведе ред и поголема контрола во системот, а не да биде насочена кон поединци.

Со ваквиот чекор, индиректно ќе бидат засегнати и предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои досега ги водеше обвинителката Ленче Ристоска. Савески појасни дека не станува збор за конкретна одлука за нејзино изземање, туку за поширока реорганизација што ќе важи за сите обвинители без исклучок.

„Не може раководител на едно обвинителство истовремено да постапува по предмети во друго. Потребно е јасно да се знае кој што работи и да се воспостави системска дисциплина“, изјави Савески, нагласувајќи дека во моментов не постои прецизна евиденција за распределбата на предметите.

Тој истакна дека одлуката веќе е донесена и наскоро ќе биде доставена до сите обвинителства, додавајќи дека целта е да се обезбеди еднаков третман и отчетност кај сите обвинители. Воедно, категорично ги отфрли тврдењата дека зад ваквите потези стои политичко влијание.

Савески посочи дека исклучоци ќе има само во специфични случаи, како што се предметите во Кочани, Ресен и Крива Паланка, каде што има недостиг од кадар или се работи за особено сложени истраги. Во тој контекст, ја образложи и неодамнешната промена на обвинителката Ивана Алексова Трајчева во предмет поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“, оценувајќи ја како техничка одлука поврзана со истек на мандат и потребата да им се даде шанса и на други обвинители.

„Нема привилегирани обвинители. Сите ќе имаат еднаква можност да работат и да напредуваат“, порача Савески, додавајќи дека институцијата треба да функционира како систем, а не да се врзува за поединци или конкретни случаи.

Тој најави дека ќе остане отворен за комуникација со јавноста, но нема да коментира политички изјави, потенцирајќи дека приоритет ќе му биде професионалното и непристрасно работење на обвинителството.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески порача дека, и покрај чувствителноста на одредени случаи за јавноста, за него сите предмети ќе имаат еднаков третман и нема да постојат исклучоци. Тој нагласи дека принципот на еднаквост ќе важи за сите обвинители, објаснувајќи го со истиот пристап и своето гласање за избор на Јасмина Костеска Здравеска, и покрај контроверзиите што ја следат.

Според Савески, неопходно е да се даде можност и на помалку експонираните обвинители да се докажат и професионално да напредуваат. „Не може секогаш истите луѓе да ги носат најголемите предмети. Системот треба да создава нови кадри“, посочи тој.

Во однос на смената на обвинителката Ивана Алексова Трајчева од предмет поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“, Савески уверува дека постапката нема да биде загрозена. Тој ја оцени одлуката како законска и техничка, потенцирајќи дека нејзиниот мандат истекол и дека замената е дел од редовна процедура. „Нема простор за страв дека предметите ќе застанат“, изјави обвинителот.

На обвинувањата од опозициската СДСМ дека одредени кривични пријави не се процесуираат, Савески одговори дека во обвинителството „нема фиоки“, алудирајќи дека сите пријави кои се поднесени се заведени и по нив се постапува согласно закон. Тој додаде дека институцијата нема да реагира на политички повици, без разлика дали доаѓаат од власт или опозиција, туку исклучиво врз основа на утврден законски основ.

Осврнувајќи се на случајот со обвинителката Ленче Ристоска и одлуката на Советот на јавни обвинители дека нема директна закана по нејзината независност, Савески рече дека интегритетот на обвинителите е лична одговорност. Според него, секој обвинител треба сам да го штити својот професионален кредибилитет, а институционална заштита е потребна само доколку постои директна закана по безбедноста.

Тој истакна дека Советот треба да се фокусира на заштита од внатрешни влијанија во системот, додека јавните критики се неизбежен дел од функцијата. „Обвинителите се јавни функционери и мора да бидат подложни на критика“, рече Савески, додавајќи дека ја почитува борбата на Ристоска, но дека транспарентноста подразбира и јавна одговорност.

Во однос на неговата реакција кон медиумите, Савески појасни дека немал намера да врши притисок, туку да коригира, како што рече, неточни информации поврзани со предметот „Пулс“. Тој нагласи дека бил должен да реагира поради вознемиреноста кај семејствата на жртвите, особено по наводите дека предметот останал без обвинител и дека судењата се одложуваат поради тоа.

„Обвинител имаше, а рочиштата беа одложени по барање на одбраната“, истакна Савески, додавајќи дека точната и навремена информација е клучна за довербата во институциите.