Утрово во 9 часот и 30 минути во Дунав во Белград, во пределот којшто е познат како Ада Хуја, пронајдено е безживотно тело на помлад маж. Се сомнева дека телото би можело да биде на Матеј Периш – сплиќанецот којшто исчезна ноќта меѓу 30-ти и 31-ви декември.
„Тело на непознато момче утрово во 9 часот и 30 минути е воочено во Дунав кај Ада Хуја, потврди Танјуг во МУП, а станува збор за тело на непозната машка личност, додека пак увидот е во тек. Дополнително ќе се утврди идентитетот на личноста, а медиумите пренесуваат дека можеби станува збор за сплиќанецот Матеј Периш“, соопштиле од МУП.
Маицата која е пронајдена на телото кое утрово испливало кај Ада Хуја, идентична е на маицата која ја носел Матеј Периш ноќта кога исчезнал.

Имено, станува збор за темна маица со апликација од јагуар и жолт кружен натпис на кој пишува „Power Super Cleaner“.
Иста таква маица имал и Матеј Периш, а ја носел на фотографијата која кружеше во медиумите кога беше пријавено неговото исчезнување во Белград.
Освен тоа, покрај телото пронајдена е и бела патика која одговара на описот на обувките на Периш.

На раката од безживотното тело на пронајдениот маж имало и сребрен часовник, но пронајден бил и телефон во џебот од тегет фармерките.
Идентификацијата ќе биде потврдена врз основа на ДНК анализа, со споредување на ДНК-та од безживотното пронајдено тело и ДНК-та од таткото на исчезнатиот Матеј, Ненад Периш.

Министерството за внатрешни работи и Вишото јавно обвинителство во Белград ќе ја известуваат јавноста за резултатите од споменатите анализи кои ги објави Институтот за судска медицина.