Социјалната мрежа на Доналд Трамп од денеска е достапна за преземање на „Apple“

Точка

21/02/2022

13:50

26.753

Големина на фонт

а а а

„Truth Social“, социјалната мрежа на Доналд Трамп, од денеска е достапна на интернет продавницата на „Apple“.

Социјалната мрежа претставува нов медиски канал на поранешниот републикански претседател откако минатата година му беше забранет пристапот до другите платформи, јавува „Reuters“.

Апликацијата стана достапна за преземање кратко по полноќ по американско време и автоматски се инсталирала на уредите на корисниците на „Apple“ кои однапред се регистрирале.

Интерфејсот на „Truth Social“ која на мобилните уреди се појавува под името „MAGA Hub“ е копија на Инстаграм, а на неа можат да се споделуваат „сторија“ и класични објави.


При влегување на апликацијата, на новите корисници им се појавуваат објави против носењето заштитни маски, оние за актуелниот претседател Џо Бајден како „комунистички педофил“ или пак оние кои го слават бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.

„Сакаа да не закопаат, но не знаеја дека сме семиња“, напишал еден корисник на новата социјална мрежа на која има и неполитички објави, како фотографии од кучиња. Засега на неа не може да се пронајде официјалниот профил на самиот Трамп.

На Трамп му беше забранет пристапот на Твитер, Фејсбук и Јутјуб откако неговите поддржувачи упаднаа во Капитол на 6-ти јануари 2021 година и беа обвинети дека токму тој ги поттикнал на тоа.


Компанијата на Трамп која управува со апликацијата ја предводи поранешниот републикански застапник Девин Нуњез, а тоа е последната компанија која се позиционира како заговорник на слободата на говор и сака да привлече корисници кои сметаат дека нивниот глас се блокира на постоечките социјални мрежи.

Компанијата планира да излезе на њујоршката берза, а веќе собрала повеќе од милијарда долари од приватни инвеститори.