Аралското езеро некогаш спаѓало меѓу најголемите езера на светот. Но, тоа во меѓувреме речиси во целост исчезнало. Научниците се борат за опстанокот на остатокот од ова езеро, но изгледите за такво нешто се слаби.
Фотографиите од зарѓани бродови во песокот покрај поранешниот пристанишен град Мунјак во Узбекистан станале симбол за уништување на природата. Вода нема со децении. Аралското езеро или море, бидејќи водата е солена, некогаш било едно од четирите најголеми езера на светот.
Процесот на исчезнување на Аралското езеро трае повеќе од 60 години. Се почнало кога тогашните советски власти одлучиле за потребите на плантажите за памук водата од реките Сир-Дарја и Аму-Дарја да ја пренасочат кон памучните полиња. Без притоки, водата во езерото почнала да опаѓа и да биде се посолена, го пренесува "Deutsche Welle" текстот на агенцијата "DPA".
Северниот дел на Аралското езеро во Казахстан е се уште под вода. Тамошните власти дури и зборуваат за оживување и враќање на рибите во овие води. Но, во западниот дел вода повеќе нема. 90 проценти од некогашните водени површини во меѓувреме исчезнале.
Обединетите нации ова подрачје го нарекуваат симбол на уништување на планетата од човековата рака. Според наводите на Меѓународниот фонд за спас на Аралското езеро за пет до седум години уништувањето на езерото ќе достигне точка од која повеќе нема враќање.
Нови пустини
Покрај двете големи пустини во регионот, Каракум и Кисилкун, сега на местото на Аралското езеро настанала уште една - Аралкум. Како што објаснува директорот на фондот за спас на езерото, Вадим Соколов, оваа последната пустина е опасна бидејќи од нејзината површина во атмосферата одат големи количини на сол кои некогаш се наоѓале во соленото Аралско езеро.
"Оваа сол предизвикува големи здравствени проблеми и ги напаѓа бубрезите, дишните патишта и црниот дроб. Покрај тоа, ги уништува и флората и фауната", рекол Соколов.
Риби одамна нема во Аралското езеро. Во 60-тите години од минатиот век годишниот улов изнесувал 40.000 тони. Со падот на водостојот се зголемил и салинитетот на водата, што ги уништило сите животни во езерото.
"По умирањето на риболовот илјадници луѓе ги загубија работните места. Потоа уследи и изумирање на земјоделството, кое исто така исчезна поради недостиг на вода", рекол Соколов.
Големи планови, малку пари
Претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирсијојев, како една од главните политички цели го навел оживувањето на аралскиот регион. Планирани се многу еколошки проекти, бунари за питка вода и погони за десалинизација.
Наместо плантажи за памук, кои во најголем дел се одговорни за исчезнувањето на езерото, сега се планира и оживување на туризмот на преостанатите водени површини и тоа по примерот на туристичките центри на Мртвото море.
Но, Соколов се жали дека "добри идеи има премногу, а пари премалку".
Неговиот фонд располага со околу два милиони долари годишно, додека само за изградба на потребата инфраструктура се потребни околу 400 милиони.
"Ние изгубивме децении драгоцено време не правејќи ништо", рекол Соколов.
Аралското езеро е доказ дека е доволна една генерација да се уништи една од најголемите и најубави водени површини на планетата.