15.000 долари за влез во САД? Нов шокантен потег на администрацијата на Трамп: Гаранција со виза – Стејт Департментот воведува нова пилот-програма

Точка

05/08/2025

20:53

1.757

Големина на фонт

а а а

Стејт департментот предлага да се бара од подносителите на барања за деловни и туристички визи да положат кауција (гаранција) до 15.000 долари за влез во Соединетите Американски Држави (САД), што би можело да го направи процесот недостапен за многу луѓе.

Во известување што ќе биде објавено во Федералниот регистар во вторник, Стејт департментот вели дека ќе започне 12-месечна пилот-програма во која луѓето од земјите за кои се смета дека имаат високи стапки на пречекорување на дозволениот престој и недостатоци во внатрешните контроли за безбедност на документите ќе бидат обврзани да платат гаранција од 5.000, 10.000 или 15.000 долари при аплицирање за виза, пренесе АП.


Овој предлог доаѓа во време кога администрацијата на Доналд Трамп ги заострува условите за апликантите за виза. Минатата недела, Стејт департментот објави дека многумина кои сакаат да ги обноват своите визи ќе мора да поминат дополнително лично интервју, што претходно не беше потребно. Покрај тоа, се предлага апликантите за Програмата за диверзификација на визите да имаат важечки пасош од земјата на нивното државјанство.

Во соопштение објавено во понеделник на веб-страницата на Федералниот регистар, беше наведено дека пилот-програмата ќе стапи на сила во рок од 15 дена од официјалното објавување и дека нејзината цел е да се осигури дека владата на САД нема да сноси финансиска одговорност ако посетителот не ги почитува условите на неговата виза.

На кого се однесува оваа обврска?

„Странците кои аплицираат за виза како привремени посетители од деловни или туристички причини, а кои се државјани на земји кои Стејт департментот ги идентификувал како земји со висока стапка на пречекорување на визата, со недоволно развиени системи за верификација и безбедносна контрола или кои нудат државјанство преку инвестиции, а во случај на странецот да го добил тоа државјанство без услов за престој – може да бидат предмет на оваа пилот-програма“, се наведува во известувањето.


Во известувањето се додава дека списокот на земји опфатени со програмата ќе биде објавен кога програмата ќе стапи во сила. Исто така, се наведува дека кауцијата може да се укине во зависност од индивидуалните околности на подносителот на барањето.

Мерката не важи за повеќето европски земји

Оваа мерка нема да се однесува на граѓани на земји кои се вклучени во Програмата за укинување на визи, која овозможува патување во САД до 90 дена за туристички или деловни цели. Повеќето од 42-те земји вклучени во оваа програма се наоѓаат во Европа, додека останатите се во Азија, Блискиот Исток и други региони.

Гаранции за визи биле предложени и претходно, но оваа мерка никогаш не била спроведена во пракса. Стејт департментот традиционално се спротивставува на оваа мерка поради сложениот процес на депонирање и отплата на кауцијата и поради можните погрешни перцепции во јавноста.


Меѓутоа, Стејт департментот соопшти дека претходниот став „не е поткрепен со никакви неодамнешни примери или докази, бидејќи визите генерално не биле потребни во последно време“.