90% од заразените со омикрон сојот на Ковид-19 кои се во болница го имаат ова заедничко нешто: Епидемиолозите открија и дали е поопасен од делта сојот

Точка

02/12/2021

22:07

28.339

Големина на фонт

а а а

Кој е во најголем ризик поради новиот сој на коронавирусот – омикрон, и што сите заразени имаат заедничко?

Новата варијанта на коронавирусот наречена омикрон која првпат беше откриена во Јужна Африка предизвика паника ширум светот.

Новата мутација е потврдена во над 20 земји досега, а според последните податоци пристигнала и во САД и Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, и натаму најмногу заразени од неа има во Јужна Африка каде секојдневно се бележи пораст на новозаразени од околу 3.000 случаи на ден, пренесува „NYT“.


Епидемиолозите и виролозите предупредуваат дека податоците за оваа варијанта и натаму се многу ограничени.

Советникот на Белата куќа, д-р Ентони Фаучи, изјавил дека ќе биде потребно околу две до четири седмици да се добијат повеќе информации за преносливоста и сериозноста на овој сој на коронавирус. Засега можат да се анализираат само податоците за тоа како оваа варијанта влијае на луѓето кои се заразени од истата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: Германски епидемиoлог контра сите: Омикрон е вистински божиќен подарок, крајот на пандемијата се гледа

Во интервју за „New Day“ на „CNN“, Мвуиси Мезуква, потпретседател на Јужноафриканското медицинско здружение, изјавил дека оваа варијанта ги погодува невакцинираните пациенти.

„Тоа што го забележавме е дека луѓето кои се хоспитализирани како последица на омикрон сојот, главно се невакцинирани, околу 90 отсто од нив“, изјавил тој.


Но, според Мезуква, докторите во Јужна Африка досега главно забележале поблаги случаи на зараза меѓу оние кои се заразени со омикрон сојот.

„Имаме помлади пациенти и поблаги случаи на омикрон сојот“, изјавил тој.

„Бројот на хоспитализирани не е толку голем, сè што забележавме е дека станува збор за лица кои не се вакцинирани. Очигледно, сè  уште собираме информации за ширењето на омикрон сојот во земјата, но тоа не е ништо што досега не сме го виделе со делта мутацијата“.

Експертите за вируси предупредуваат дека е прерано да се надеваме дека новата варијанта ќе предизвикува само поблаг облик од болеста.

„Со малиот број на случаи, многу е тешко да знаеме дали оваа конкретна варијанта ќе доведе до тешка болест или не“, изјавил Фаучи во текот на брифингот за новинарите во Белата куќа на 30 ноември.


Причината зошто многу од виролозите веруваат дека оваа варијанта може да предизвика тешка болест е поради високото ниво на мутации.

„Овој профил на мутации многу се разликува од останатите, што предизвикува загриженост. И, иако некои од овие мутации исто така се наоѓаат во делта сојот, ова е нешто поразлично“.

„Таквите мутации се поврзани со зголемена трансмисија и избегнување на имунитетот“, предупредил Фаучи.

Од друга страна, бројни експерти изразиле сомнеж дека вакцините ќе бидат ефикасни кај омикрон сојот:

 „Имам две индикации дека вакцините и натаму се ефикасни во превенција на тешки болести или компликации, но за понатаму ќе видиме“, изјавил Јан Сане, специјалист за заразни болести и член на јужноафриканскиот советодавен совет за Ковид.