Голем ризик: Пет информации што никогаш не смеете да ги споделувате со вештачката интелигенција

Точка

10/11/2025

18:23

1.798

Големина на фонт

а а а

На својата веб-страница, компанијата "OpenAI" ги предупредува корисниците да не споделуваат чувствителни информации, додека "Google" ги советува корисниците на "Gemini" да не внесуваат доверливи податоци.

Иако многумина користат "ChatGPT" за најразлични задачи – од совети за брачна терапија, до пишување професионални мејлови или претворање фотографии од миленици во хуманоидни ликови – користењето на вештачката интелигенција носи сериозни ризици за приватноста.

Како што пренесува "New York Post", според зборовите на Џенифер Кинг, експертка од "Stanford Institute for Human-Centered Artificial Intelligence", сè што внесувате во четбот може да стане јавно, бидејќи „во моментот кога ќе ги споделите податоците – вие го губите сопствеништвото над нив“.

Затоа е важно да се придржувате до неколку основни правила кога комуницирате со AI системи. И "OpenAI" и "Google" предупредуваат дека треба да се избегнува споделување лични, финансиски или доверливи податоци. Еве пет категории информации што никогаш не треба да ги внесувате во "ChatGPT" или слични четботови.

1. Лични, возачки и здравствени податоци

Никогаш не споделувајте информации што можат да го откријат вашиот идентитет – како број на лична карта, податоци од возачка дозвола или пасош, датум на раѓање, адреса или телефонски број.

Иако некои четботови се обидуваат автоматски да препознаат и избришат чувствителни информации, најбезбедно е тие воопшто да не се внесуваат.

„Нашата цел е нашите AI модели да учат за светот, а не за поединци", изјавила портпаролка на "OpenAI", пренесува "Večernji list".


2. Здравствени информации

Здравствените податоци се заштитени со закони за приватност, но AI четботовите не спаѓаат под тие регулативи.

Ако сакате да прашате "ChatGPT" за толкување на медицински резултати, експертите советуваат прво да го уредите или „исечете“ документот, оставајќи само резултати од тестови, без лични информации како име или матичен број.

3. Финансиски податоци

Никогаш не внесувајте броеви на банкарски сметки, податоци за инвестициски портфолија или други финансиски информации, бидејќи хакерите можат да ги злоупотребат и да добијат пристап до вашите средства.


4. Лозинки

Иако може да изгледа практично да ги споделите корисничките имиња и лозинки со четбот за одредени задачи, AI системите не можат да гарантираат безбедност на вашите сметки.

За зачувување на лозинки најдобро е да користите "password manager" апликација, наместо да ги доверувате ваквите податоци на AI.

5. Податоци за клиенти и компании

Ако користите "ChatGPT" или слични алати во работна средина – на пример, за пишување е-пораки или уредување документи – постои ризик несвесно да споделите доверливи деловни информации или податоци за клиенти.

Некои компании користат внатрешни, затворени AI системи или дополнителни безбедносни мерки за заштита на корпоративните податоци.


Како да ја заштитите приватноста додека користите AI

Доколку сакате да продолжите да користите AI без да ја загрозите својата приватност, експертите препорачуваат:

• користење силни лозинки,

• двофакторска автентикација,

• и редовно бришење на историјата на разговори.

Некои компании, како "Anthropic", наведуваат дека податоците избришани од нивните платформи се трајно отстрануваат по 30 дена.

Иако вештачката интелигенција значително го олеснува секојдневието, заштитата на приватноста мора секогаш да биде приоритет – бидејќи една погрешна реченица може да открие многу повеќе отколку што сте планирале.