Римац објави голема вест: Го презема "Bugatti", седиштето на новата компанија ќе биде во Хрватска

Точка

05/07/2021

19:30

18.949

Големина на фонт

а а а

Компанијата на Мате Римац станува мнозински сопственик на "Bugatti", а компанијата "Rimac Automobili" станува "Rimac Group" поделена на две компании - "Bugatti Rimac" и "Rimac Technology".

Тоа денеска попладне го соопштиле од компанијата "Rimac Automobili". Со тоа се потврдени претпоставките дека Римац ќе ја преземе "Bugatti", славната компанија позната по супер-луксузните автомобили.

Повеќе информации за овој голем настан ќе бидат објавени вечерва во Дубровник. Најавени се говори на Мате Римац, основач и извршен директор на "Rimac Automobili", Оливер Блуме, извршен директор на "Porsche", и Лутц Мешке, заменик претседател и финансиски директор на "Porsche".

"Од еден човек во гаража до создавање на компанијата "Bugatti-Rimac""

Од "Rimac Automobili" порачуваат дека станува збор за "пресвртен настан во историјата на компанијата", а потегот кој денеска станал јавен го опишуваат како "здружување со иконата во автомобилските брендови, "Bugatti Automobiles", во нова автомобилска и технолошка компанија".

Во само 10 години "Rimac Automobili" напредувале од стартап и еден човек во гаража до создавање на нова компанија "Bugatti-Rimac", во соработка со двата најпознати и најмоќни автомобилски брендови на светот - "Porsche" и "Volkswagen Group", се наведува во соопштението.

Тој хрватски бренд докажал дека не само што може да држи чекор, туку може и да оствари нови видици, да наметне други стандарди во перформансите и технологиите. Со здружувањето на техничкото знаење и делотворноста во работењето на Римац, со 110 години традиција на дизајн и моќниот бренд на "Bugatti", доаѓа до настанување на најзначајната компанија на пазарот на хиперавтомобили, објавиле од "Rimac Automobili".

"Rimac Group" ќе има мнозински удел во "Bugatti-Rimac"

"Rimac Group" ќе биде најголем акционер во новата компанија "Bugatti-Rimac", со удел од 55 проценти. Мате Римац ќе го задржи својот постоечки удел во "Rimac Group" од 37 проценти, "Porsche" останува на 24%, "Hyundai Motor Group" на 12%, а останатите инвеститори на 27%. Развојот, производната испорака на батериските состави, погонските склопови и останатите EV компоненти, по кој е Римац познат и со кои ја стекнал довербата на бројните произведувачи на автомобили, ќе бидат одвоени во нов субјект - "Rimac Technology" - кој ќе биде во стопроцентна сопственост на "Rimac Group". "Rimac Technologies" останува независна компанија која соработува со бројни светски произведувачи на автомобили, наведуваат од "Rimac Automobili", од која пратиле и инфографика на новата сопственичка структура.


Мате Римац ќе ја води "Bugatti-Rimac"

Мате Римац ќе биде на чело на новата компанија. Како главен извршен директор "Rimac Group", ќе ги води "Bugatti-Rimac" и новата компанија "Rimac Technology". Со тоа, Мате Римац и натаму управува со сите сегменти на работењето на "Rimac Group", која сега го вклучува и "Bugatti". "Bugatti" и "Rimac" продолжуваат како посебни брендови, ги задржуваат постоечките производни погони и канали за дистрибуција, додека седиштето и целиот развој за двата бренда ќе биде во Хрватска.

"Rimac Group" ќе продолжи со иновациите, со создавање на сопствени хиперавтомобили и развојни состави и технологии за бројни светски произведувачи на автомобили. Таквата иновативна технологија ќе може да се применува во идните модели на "Bugatti", стои во соопштението.

Глобалното седиште на "Bugatti-Rimac" ќе биде во новиот Римац кампус

Двата бренда, "Rimac Automobili" и "Bugatti"', внатре во новата компанија ќе продолжат да развиваат модели на автомобили. Во иднина глобалното седиште на "Bugatti-Rimac" ќе се наоѓа во новиот Римац кампус, кој ќе биде седиште на "Rimac Technology", како и производството на технологиите и компонентите за автомобилите на двата бренда, додека склопувањето на моделите на "Bugatti" ќе продолжи во Молшем во Франција. На тој начин компанијата продолжува со користење на историски локации, кои не може да се одвојат од брендот. Кампусот вреден 200 милиони евра, ќе биде изграден на површина од 100.000 метри квадратни, а би требало да биде отворен во 2023-та година. Ќе биде база на сите истражувања и развојот на идните хиперавтомобили на "Rimac-Bugatti". Замислен е како центар за високотехнолошки иновации, и ќе собира 2.500 луѓе водени од заеднички интереси и желба за достигнување на крајни граници.

Римац: Ова е возбудлив момент во нашата кратка, но бурна историја

Коментирајќи ја денешната објава, Мате Римац, основач и главен извршен директор на "Rimac Automobili", рекол: "Ова е возбудлив момент во кратката, но бурна историја на "Rimac Automobili". Толку многу поминавме за толку малку време, но овој нов проект ги крева работите на сосема ново ниво. "Rimac" и "Bugatti" совршено се надополнуваат. Како млада, агилна и брза автомобилска и технолошка компанија ја освоивме довербата на партнерите и силната позиција во индустријата на електрични технологии со високи перформанси. Докажавме и дека можеме да развиваме и произведуваме извонредни хиперавтомобили, кои не се само брзи, туку и возбудливи и висококвалитетни. "Bugatti" има повеќе од еден век искуство во инженерската перфекција, но и една од најимпресивните линии на автомобили.

Неодамна го претставивме и својот најнов хиперавтомобил, "Nevera", што наиде на позитивни реакции на стручните медиуми и автомобилските ентузијасти во целиот свет. Поради тоа сум многу возбуден поради потенцијалот кој ќе го донесе комбинираното знаење, технологиите и вредноста на овие два неверојатни брендови во создавањето на некои посебни проекти во иднината. Освен создавањето на нови и возбудливи автомобили, сакаме да создадеме и успешна и профитабилна компанија, која ќе биде успешна во наредните 100 години", рекол Мате Римац.


Шефот на управата на "Porsche": Римац внесува нов развоен и организациски пристап

Олиер Блуме, претседател на Управата на компанијата "Porsche AG", рекол: "Ја комбинираме моќната експертиза на "Bugatti" во работењето со хиперавтомобилите со огромната иновативна моќ на "Rimac" во многу ветувачко подрачје на електромобилноста. Во овој заеднички пофат "Bugatti" го внесува својот бренд на богата традиција, производи кои се икони, база на верни купувачи и глобална мрежа на застапништво. Освен технологијата, "Rimac" внесува и нов развоен и организациски пристап".

Член на управата на "Porsche": Ова е важен ден за целата "Volkswagen" група

Лутц Мешке, заменик претседател на Управата и чен на Управата за финансии и информатика на "Porsche AG" рекол: "Првиот удел во Римац го купивме уште пред три години и од тогаш го зголемуваме. Тоа ни овозможи во раната фаза да изградиме близок однос со Мате и неговиот високоиновативен тим. Сега имаме корист од вложувањето. Римац ни помага со своето знаење за успешно да воведеме емотивен и важен бренд во групата во иднина. Многу сум горд и среќен што го доведовме до крај ова заедничко вложување и покрај сите предизвици. Ова е важен ден за "Bugatti", "Porsche" и целата "Volkswagen" група".




Спонзорирани линкови

Маркетинг