Јувентус е „најефикасен тим“ на Европското првенство, Аталанта израмни италијански рекорд

Дерби

24/06/2021

12:54

1.025

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо стигна до пет голови на Европското првенство уште во групната фаза, веќе постави неколку нови рекорди и се израмни со Али Даеи како најдобри стрелци за своите репрезентации во историјата.

Но, португалскиот репрезентативец му овозможи и на својот клуб Јувентус досега да има најмногу реализатори на ова Европско првенство.

Поточно, со петте гола на Роналдо и по еден на Рамзи и Мората, Јувентус е водечка екипа според бројот на постигнати голови од нејзините актуелни фудбалери.

Во седумката на Јувентус не се вклучени и автоголовите на Шчесни и Демирал, а вчера Мората пропушти да го подобри билансот откако не реализираше пенал против Словачка.

Веднаш зад Јуве е големиот италијански ривал Интер, чиј голгетерски „првенец“ е Ромелу Лукаку, кој досега постигна три погодоци на ЕП, а зад него се Иван Перишиќ со 2 и веќе елиминираниот Шкриниар кој постигна еден гол.

Ова значи дека дуелот меѓу Португалија и Белгија во осминафиналето ќе има важно влијание и врз фактот како ќе се одвива виртуелната голгетерска табела на тимовите.

Интересно, на делба на третото место со Манчестер Сити на овој ранкинг е РБ Лајпциг, чии фудбалери досега постигнаа пет погодоци, три преку Швеѓанецот Форсберг и два преку Данецот Поулсен, двајца фудбалери кои ќе играат и во осминафиналето.

Аталанта (Миранчук, Госенс, Песина, Мале) и Манчестер Сити (Стерлинг, Де Брујне, Лапорт, Торес) се единствените екипи кои имаат четири различни стрелци во досегашниот тек на ЕП. Екипата од Бергамо со ова го израмни италијанскиот рекорд на Јувентус од претходното ЕП (Мората, Погба, Кјелини, Бонучи), а досега само три клубови имале по пет различни стрелци на ЕП (Андерлехт 1984, Барселона 2000, Реал Мадрид 2012).

Интересен е податокот дека Баерн Минхен досега има четири голови, од кои дури три се на Роберт Левандовски, кој нема да игра во нокаут фазата.