Јувентус стартуваше со победа во новата сезона во Серија А и ја совлада Парма со резултат 2:0, натпревар на кој по еден гол постигнаа двајцата напаѓачи на Игор Тудор.
Џонатан Дејвид го отвори резултатот со добро движење и сигурна реализација, додека победата ја потврди „отпишаниот“ Душан Влаховиќ, фудбалер чија иднина се уште не е позната на една седмица пред истекот на летниот преоден рок.
Србинот доби препорака да си пронајде нова средина и засега никој не испрати официјална понуда, но откако пропадна зделката меѓу Милан и Баер Леверкузен за Бонифејс, се очекува „росонерите“ конечно да тргнат по Србинот во последните неколку дена од месец август.
– Не и дозволивме речиси ништо на Парма и успеавме први да поведеме, што според мене беше круцијално на овој натпревар. Дејвид имаше одлично движење во пеналтикот, тој поседува ретко добар талент за постигнување голови и секогаш е исклучително концентриран пред голот.
– Влаховиќ? Душан останува фокусиран и засега е играч на Јувентус. Ако ме прашате што ќе се случи со него, едноставно немам точен одговор за вас. Јас имам свое мислење и веќе им го објаснив на моите надредени, но директорите на Јуве се оние кои ќе донесат конечна одлука за него, – изјави Тудор.