„HBO“ го претстави трејлерот за документарниот филм за легендарната пејачка Тина Тарнер, кој зборува за подемите и падовите во нејзиниот живот и во кој Тарнер се опростува од своите обожаватели поради борбата со ПТСП, мозочен удар и рак.
Во долгометражниот документарец, едноставно наречен „Tina“, пејачката за првпат ќе се осврне на својата младост исполнета со борба и болка, на љубовта и на глобалната слава која ја стекнала во кариерата.
Тарнер денес има 81 година и многу проблеми со здравјето, вклучувајќи ја борбата со ракот и последиците од мозочниот удар, а легендата на соул и рок музиката исто така била подложена и на трансплантација на бубрег во 2017 година. Поради сите здравствени проблеми, документарецот ѝ послужил на Тина како начин да се опрости од своите верни фанови.
Таа во филмот вели дека водела „живот исполнет со насилство“, но и дека во одредена фаза „преовладува прошката“.
„Имав живот исполнет со насилство, не постои друг начин како да ја раскажам приказната. Тоа е реалноста. Тоа е вистината. Тоа е она што го имате, па морате да го прифатите“, изјавила Тарнер.
Во филмот истакнува дека сака да влезе во третото и последно поглавје од животот далеку од очите на јавноста, пренесува „New York Post“. Документарецот ја имаше својата премиера на Филмскиот фестивал во Берлин на 2 март, а на платформата на „HBO“ пристигнува на 27 март.