Пендаровски до Пахор: Споделуваме сегашност во НАТО, уверен сум дека ќе имаме и заедничка иднина во ЕУ

Макфакс

25/09/2020

13:19

308

Големина на фонт

а а а

Денеска во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“, претседателот Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести го пречека словенечкиот претседател, Борут Пахор, со што започна неговата официјална дводневна посета на Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу двајцата претседатели, се одржа и пленарен состанок на македонската и словенечката официјална делегација, како и заедничка прес-конференција.

На неа Пендаровски посочи дека посетата е значајна од повеќе аспекти, особено зошто словенечкиот претседател е прв државник кој ја посетува земјава во време на пандемија, со што, како што оцени македонскиот претседател, се докажува стратешкото пријателство и традиционалната блискост меѓу двете држави. 

„Словенија е наша сојузничка во НАТО, а помошта во спроведувањето на реформите во одбраната, како и соработката меѓу нашите две армии беше, и е од исклучително значење. Во делот на економијата, Словенија е наш значаен трговски партнер и инвеститор со години. И покрај намалената трговска размена оваа година поради здравствената криза, трговијата се одликува со стабилен раст. Наша задача е да го зголемиме нашиот извоз во Словенија и да го надоместиме трговскиот дефицит“, нагласи Пендаровски. 


Тој рече и дека земјава добива словенечка поддршка во справувањето со коронавирусот, а напомена дека подолг временски период словенечките полицајци работат заедно со нашите полициски службеници на јужната граница, во справување со повеќегодишната мигрантска и бегалска криза. 

„Имаме позитивно минато како дел од поранешната држава, споделуваме заедничка сегашност како сојузници во НАТО, а јас сум длабоко уверен дека ќе имаме и заедничка иднина како дел од Европската Унија. Словенија безрезервно ја поддржа одлуката на Европскиот совет во март оваа година за почеток на преговорите за нашето членство во ЕУ, а сега не поддржува во намерата да ја одржиме првата меѓувладина конференција до крајот на годинава“, посочи македонскиот претседател. 


Рече и дека билатералните релации ги збогатуваат и нашите научници и уметници кои ги изучуваат и предаваат јазиците и остваруваат интензивна културна размена, а ги спомена и граѓаните кои тука и таму го градат своето образование, својата кариера, создаваат семејства и на тој начин формираат нераскинливи врски меѓу двете општества и култури. 

На крајот, Пендаровски изрази надеж дека успешната соработка меѓу двете држави ќе продолжи, а македонско-словенечкото пријателство ќе станува се поцврсто.



Спонзорирани линкови

Маркетинг