Законот за престој на странци во Малта станува поригорозен

Точка

21/10/2019

12:04

6.721

Големина на фонт

а а а

Последниве години како и за одмор, но се повеќе за работа, една од атрактивните дестинации за Македонците е Малта. Просечната плата изнесува од 1000 до 1100 евра, но далеку повеќе за оние кои работат како ИТ, менаџери и итн.

Максимилијан Казаков, генерален менаџер на агенција за вработување и претседател на македонската заедница таму, детално ви открива под кои услови работат Македонците таму. На што се однесува промената на Законот за престој на странци. Но, пред се препуштете се вака понеделнички, да уживате во природата на овој остров, кој иако е мал има многу што да понуди. 

Пријатно патување!

Што најчесто работат Македонците во Малта, како атрактивна дестинација за работа последниве години?

- Македонската заедница во Малта изминативе неколку години значително се зголеми , а сето тоа е резултат на зголемената побарувачка на работна сила и слободни работни позиции за кои Малта има потреба. Битен сегмент кој дополнително допринесува за зголемувањето на нашата заедница последниве години се и законските регулативи кои се предвидени за добивање на работна дозвола и престој во Малта. Македонските граѓани најчесто се вработени во секторот угостителство и градежништво како една од најважните гранки во малтешката економија. Интересен факт е дека значителен број македонци работат во јавниот градски сообраќај на Малта . Има македонци кои работат како сметководители , информатичари,маркетинг менаџери , возачи на камиони и други професии.


Од колку до колку заработуваат месечно?

- Примањата се разликуваат во зависност од работното место. Најчесто според статистиката која ја водиме ние како заедница , а е поврзана со бројките на македонците по сектори платите се движат од минимална плата од 750 евра до максимална 1500 евра . Просечната плата изнесува околу 1000-1100 евра. Има наши кои заработуваат и повеќе од 1500 евра месечно, особено оние кои работат како ИТ техничари или во онлајн игрите на среќа. Но, нивниот број е многу мал.

Кои се условите за работа?

- Критериумите кои малтешките работодавци ги поставуваат се солидно познавање на англиски јазик, професионалност во извршувањето на работните задачи, како и професионално однесување на работното место. Дел од причините поради кои голем број наши граѓани одлучуваат да дојдат да работат и живеат на Малта е токму ова. Не можам, а да не споменам дека Македонците се многу срдечно примени од страна на работодавците и важат за многу вредни, трудољубиви и чесни работници. Сместувањето од страна на работавците не е обезбедено во Малта , а топол оброк за време на работата најчесто следи доколку работите во хотел. Она што е интересен факт за одредени специфични професии е што работавците имаат таканаречен премолчен лимит во однос на возраста и при вработувањето бараат личности не постари од 40 години.


Што се менува со промената за законот за престој на странци?

- Ова прашање стана доста актуелно оваа година иако законот за престој на странци е ист и не е променет. Она што се промени е само поригорзното пристапување од страна на институциите во Малта. Ако изминативе години некако се прогледуваше низ прсти сега се бара доследно почитување на законот. Законот предвидува доколку вие сте вработен а сакате да го повлечете вашето семејство да живее во Малта ( сопруга , дете ) потребно е да имате годишна заработувачка од околу 19 500 евра, ( основна плата без прекувремени часови) а за секој нареден член + 25% од платата. Доколку овие кретиериуми не се исполнети не се одобрува семејната виза и децата немаат право на бесплатно школо или градинка. Со оглед на нашите кои имаат просечна плата од 1000 до 1100 евра оваа категорија е речиси невозможно да се оствари. Ние како Македонска заедница во Малта упативме барање до Владата и надлежното ресорно министерство да се преиспита овој закон и да се спореди со другите европски земји како би имале подобри услови оние кои сакаат да живеат заедно со целото семејство.

Колку Македонци има сега таму?

- Кога станува збор за бројката на Македонци кои живееат и работат на Малта е речиси невозможно да се даде точна бројка. Фактот што има многу македонци кои се со европски пасоши , Македонци кои доѓаат да работат на одреден период ( сезонски ) но и Македонци кои живеат нелегално во Малта тешко може да се добие реална слика на Македонци кои живеат на островот. Според одредени наши сознанија, а кои беа потврдени на средбата со Премиерот на Малта г-дин Џосеф Мускат станува збор за неофицијална бројка од околу 10 000 македонски граѓани кои годишно се присутни на островот . Очекуваме во јануари да видиме колку работни дозволи биле издадени оваа година, со тоа ќе може да имаме отприлика некоја бројка на Македонци кои живеат и работат тука.

Што треба да се види во Малта ако се оди туристички?

- Малта е медитеранска држава која има доста богата историја и култура . Површината на островот не е голема. Но, доколку ја посетите туристички, деновите ќе ви бидат убаво и пријатно исполнети.

Би ги препорачал следниве места:

- Валета, главниот град на Малта. Како административен центар може да се посети зградата на Парламентот , зградата на Владата , горната градина со поглед на трите града , големото пристаниште , Св. Ѓоргија катедралата како и специфичната малтешка архитектура која е зачувана во целиот град .

- Мдина ( поранешниот главен град и попознат како градот на тишината ) овој град е особено занимлив за сите фанови на мега популарната серија ИГРА НА ТРОНОВИ бидејќи дел од неа е сниман токму тука .

- Ротундата во Моста ( црквата на чудото ) оваа црква е трета по големина во светот од ваков вид која има интересна историја . Имено во втората светска војна германците се обиделе да ја разрушат и пуштиле една бомба од авион која паднала во црквата но никогаш не експлодирала. Во моментот во црквата имало 350 малтежани кои се молеле.

- Селото на Попај , местото е изградено за потребите на снимање на истоимениот филм . По завршување на снимањето местото е претворено во туристичка атракција каде што може да уживате во специфичните градби но и ликовите од филмот.

- Golden Bay плажата , една од ретките песочни плажи на Малта, но ултра атрактивна кај туристите. Интересен факт е дека на оваа плажа е сниман филмот „Троја’ со Бред Пит .

- St Julian’s ( Pacevile ) местото каде се наоѓаат сите дискотеки и клубови каде што забавата трае до раните утрински часови. Местото е живо и полно 365 дена во годината за љубителите на ноќниот живот и убавите забави.

- Comino ( BLUE LAGOON ) соседниот остров до Малта кој има само 1 жител, но кристално чистатата вода е одлична за сликање и уживање .

- Гозо ( островот брат на Малта ) мал остров до Малта со интерсни знаменитости и места за кој би можеле туристите да одвојат еден ден . Одењето на островот е со фериброд .

- Масрашлок (рибарското градче ). За љубителите на добрата морска храна ова градче е одлична можност да јадат свежо уловени моски риби и други морски специјалитети .

Секако постојат и многу други места кои би можеле да се видат , но овие ги одвоив, бидејќи сметам дека оние кои доаѓаат во посета на Малта би требало да ги посетат.


Што ти се допаѓа, а што ти смета?

- Она што најмногу ми се допаѓа е мирниот начин на живот кој го живеат малтежаните , морската клима и можностите кои оваа држава ги нуди за странците. Она што ми пречи е гужвата во сообраќајот , тоа што во моментов речиси на секој чекор нешто се гради,како и малата површина на островот.

Каков е стандардот, колку пари се потрени да се помине месецот основните трошоци?

- За разлика од многу држави трошоците за живот во Малта се доста високи. Фактот што Малта е прва најбрзо растечка економија во Европа само го потврдува ова.Најголем проблем на островот се превисоките станбени кирии кои се движат од 700 до 1300 евра, а во одредени области достигнуваат и до 2000 евра месечно. Трендот на зголемување на кириите секоја година се зголемува . Храната е во просек околу 350 евра по човек месечно.

Колку чини сместување во хотел, а колку приватно сместување од ден?

- Сместувањето во хотелите е доста скапо па така за една вечер би ве чинело од 120 евра па нагоре , особено во летниот период оваа цифра оди и погоре . Додека во приватно сместување преку АРБН би ве чинело поетино од 25 евра па нагоре во завснисот од местото во кое престојувате .

На што да внимаваат сите што планираат да ја посетат и како туристи и како работници?

- Оние кои планираат да ја посетат Малта да бидат спремни за добро уживање и одмор во медитеранската бајка наречена Малта . Мој совет е да изнајмат кола како би можеле да ја прошетаат и видат подобро Малта. Доколку доаѓаат да работа да бидат внимателни како се вработуваат , дали реално ќе им се исплати и што добиваат и што губат со преселувањето на Малта.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг