Бојан Кордалов: Европска кампања со македонски навики

Точка

03/04/2019

12:20

8.993

Големина на фонт

а а а

Кампањата за претседателските избори е во тек. Дали ве посетиле на врата или дома тоа вие си знаете, а и има време се уште, но искуството во нашата земја покажува дека тоа е неизбежен дел кампања за било кои избори. Дали тоа ви смета или не , се сомневам дека ве прашале. Но, еве да слушнеме за ефектите од таквото однесување, колку е европски од Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Според него тоа е можност за непосреден контакт со гласачите, но не и најефикасен, бидејќи постата најчесто се користи да си кажат што имаат гостите, а не домаќите кои ги мачат низа проблеми.

Се практикува во Европа одењето од врата до врата со сет на продукти што беше случај кај нас во минатото (кафе, шеќер, зејтин, локум и слично)?

Кордалов: Кампањата од врата на врата се уште зазема место во кампањите на политичките партии во дел од европските земји. Сепак, сè понагласени се дебатите за ефектите кои ваквиот пристап ги дава во денешно време на дигитализација и влијателни масс медиуми. Клучната цел на партиите при спроведувањето на оваа активност е да овозможи лично запознавање со дел од гласачите со цел допадливост на кандидатот и директно запознавање и запомнување на името на кандидатите и неговата порака. Неизбежен дел од ваквиот вид на кампања се подароци и промотивни материјали, кои варираат од земја во земја, а клучно за сите е дека треба да бидат со мала и исклучиво информативна вредност, како и да го содржат логото и слоганот на кандидатот. Во духот на нашата традиција партиите избираат традиционални подароци. Да потсетиме дека дел од нашата традиција во земјава и регионот е на гости да не се оди „со празни раце“ и често се носат подароци како кафе или нешто благо.

Сепак, во земја во која постоеле јавно искажани мислења од некои политичари и политички партии дека во дел на изборните циклуси имало обиди за поткуп на гласачи со прехранбени продукти или отпис на долгови, секој ваков тип на подароци може да биде толкуван како спорен. Особено, ако на ова ја додадеме и огромната бројка на сиромашни луѓе, кои едвај можат да си дозволат и еден оброк дневно, многу поодговорно и поразумно парите наменети за вакви подароци, е политичките партии и кандидатите да ги насочат надвор од кампањите за поддршка на достоинствен живот на овие граѓани.

Во време кога на граѓаните им се достапни сите информации има ли потреба да се вознемируваат ненајавено во било кое време?

Кордалов: Иако за ваквиот вид на активност која претавува облик на директен маркетинг е потребно повеќе време, сепак партиите по инерција продолжуваат со ваквиот тип на активности. Да нагласам дека кога се решаваат на овој пристап, политичките партии мора да сфатат дека ова претставува цела наука, а не импровизирана активност. Тоа значи дека треба да вложат финансиски и други ресурси во тимовите и луѓето кои на теренот ќе ја спроведуваат ваквата предизборна акција.

Дополнително, потребен е цел циклус на континуитет на луѓе и обуки за спроведување на кампањите „Врата до врата“, а не стихијно и неорганизирано спроведување на истите. Со други зборови, не е само времето во кое смеете да заѕвоните на нечија врата, туку да имате пристап кон секој гласач, но и да водите евиденција на која врата ви рекле повеќе да не доаѓате, па тоа да го испочитувате на следните избори.

Иако е време на дигитализација, должност на партиите е да се борат за секој глас и гласач, но никако по цена на претерување и вознемирување. Ако сакаат да постигнат успех и квалитетна кампања, партиите и кандидатите мора сериозно да се посветат на пишувањето и конципирањето на предизборните и генералните партиски платформи, односно која е нивната понуда која ја доставуваат до граѓаните и околу која сакаат да ја обединат земјата.

Во ова насока, би препорачал да се фокусираат особено на сегментирање на пораките и предизборните ветувања според целните групи на електоратот и нивните потреби и очекувања.

Како се прави тоа во европските градови?

Кордалов: Не постои унифициран рецепт за сите европски градови, туку тоа зависи од политичката проценка на лидерите во кампањите, како и од типот на изборите за кои во тој момент партиите се борат.

Во европските земји праксата е различна – некаде се практикува, а некаде е речиси целосно исфрлена, но клучно е дека тоа е базирано на направени сериозни истражувања и професионални проценки. Никако преку импровизација и ангажирање на самопрогласени експерти. Во секој случај, кога партиите од европските земји се решаваат да одат од врата на врата, тоа го прават во градови или региони во кои граѓаните имаат такви очекувања или прифаќаат ваков тип на кампања, разговорите се водат во време кое граѓаните го преферираат, со куси но ефикасни разговори. Акцентот е ставен секогаш на тоа да се сослуша гласачот и најчесто на гласачите им се доставува материјал со податоци за кандидатот и клучната порака.

Но, многу повеќе и почесто можете да ги сретнете кандидатите надвор, на фреквентни локации каде ги пречекуваат заинтересираните граѓани за нивната програма, разговараат со нив и им делат промотивен материјал. Особено ќе ги видите на средби со целните групи, каде детално одговараат на прашањата од граѓаните за нивната програма и активности кои ќе ги преземат во конкретниот дел. Тоа кај нас се избегнува или, пак, ретко се практикува, а ако се прави често е само обичен фолклор во кампањата.

Што би кажале за досегашната реторика на кандидатите?

Кордалов: На почетокот сме од официјалната кампања на тројцата кандидати. Тие ќе ја имаат првата рунда од 20 дена да не убедат сите зошто нивниот концепт е најдобриот, односно зошто да избереме некој/а од нив за иден претседател/ка на земјата.

Се надевам дека ќе изненадат со иновативен пристап, кој ќе исклучува постојано и хипнотичко повторување на пораките и имињата заедно со редниот број на кандидатите. Исто така, она што во континуитет недостасува е неставањето на фокус на тимовите со кои кандидатите ќе ги реализираат своите заложби и ветувања, а да не говориме за тоа дека 20 дена се премалку за да секој избирач може детално да се запознае со програмата на кандидатите со цел да се одлучи за кого ќе гласа.

Ако на ова ја додадеме и негативната кампања на која сме навикнати да се случува веќе децении, тогаш помалку станувам скептик дека е можно партиите и кандидатите да излезат од матрицата на повторување на истите изборни активности за време на секоја политичка кампања.

Од друга страна, ако направиме куса анализа на преткампањата која се водеше во текот на изминатите месеци, единствено што можевме да видиме е импровизација и водење на кампања со личен одраз на личните убедувања и маркетиншки предзнаења на самите кандидати. Недостасуваше организираност, јасен концепт и пораки наменети кон неопределените гласачи, а не кон своите поддржувачи или поддржувачите на политичките опоненти.

Се надевам дека ова ќе се промени во следниот период бидејќи секој од кандидатите и партиите имаат одговорност кон граѓаните да имаме успешен изборен процес и да ги мотивираат гласачите да излезат и да го постигнат потребниот цензус на претстојните избори.

Предизвикува ли нападното однесување на тимовите контра ефект?

Кордалов: Тимовите секогаш треба да се однесуваат со почит кон гласачите и да ги сослушуваат нивните предлози. Никогаш не треба да доаѓаат во конфликт со нив и да се расправаат за нечиј став или убедување , задржувајќи се со нив само неколку минути и упатувајќи им ги клучните пораки за кампањата. Тезите од типот „нас не нè заслужувате“ или „кога бевме ние на власт“ само го враќаат изборниот процес наназад и го влечат по надолна линија.

И кандидатите, како и нивните тимови мора да направат медија и кампањски план за видливо присуство во рамките на политичките кампањи, но дозирано и без претерување и повторување само на централните тези и носечките пораки кои најчесто се апстрактни.

Граѓаните сакаат да слушнат што им се нуди, по што се разликувате од вашите конкуренти или политички противници, кој е вашиот тим и да се уверат дека сте вие личноста која може да направи промена. Огромна е разочараноста кај електоратот од политичките ветувања изминатите децении. Бројот на проблеми со кои секој граѓанин, но и општеството се соочува на локално и национално ниво одамна не се мери и квантифицира!

Ако сакаме работите да тргнат на подобро, мора да почнеме да ги менуваме. А, промените секогаш треба да започнат од политичарите и институциите кои да не заборавиме претендираат да дојдат или останат на власт и да управуваат со парите на граѓаните и компаниите. Или, поинаку кажано, политичарите кога се на власт ги менаџираат парите на даночните обврзници, а не своите лични пари, па оттука одговорноста им е неколкукратно поголема!

Очекувате дека нешто ќе се промени, можеби покултурна кампања која ќе остави граѓанинот сам да одлучи за кого ќе гласа?

Кордалов: Сметам дека работите се менуваат на подобро во оваа сфера, но со многу бавна, речиси невидлива динамика. И тоа ќе биде така, сè додека како граѓани и стручна јавност не ги притиснеме политичките елити да се одлепат од споредбата и мерењето едни со други. Потребно е да погледнат надвор од границите на Балканот, кон САД и Европската Унија и многу повеќе да преземат од тамошните пракси на водење на политички кампањи, уважување на секој граѓанин и медиумски работник, а по преземање на власта на било кое ниво да се фокусираат на доброто и домаќинско владеење и управување со заедничките финансии или како што го нарекуваме - Буџетот на државата.

Во суштина, за промени во кампањите, важно е да потенцираме дека многу поефикасна е позитивната од негативната кампања. Токму тоа треба да биде главен предизвик на овие и секои наредни избори, наместо како досега навредливиот говор, политичките обвинувања и закани. Очекувам и искрено посакувам кандидатите да се издигнат над негативните коментари и да успеат да ги мотивираат гласачите да гласаат „ЗА“ одредена политичка опција, наместо движечкиот мотив да биде да гласаме „ПРОТИВ“.

Понатаму, политичарите мора да сфатат дека е целосно погрешно да ја манипулираат јавноста и потребно е секогаш да ја кажуваат вистината бидејќи во нашето речиси 30 годишно плуралистичко искуство на гласање многу пати се покажа дека лажните ветувања секогаш брзо се разоткриваат. Негативната кампања и истакнување на она што опонентот смета дека било негативно направено во блиското или подалечното минато е секако дел од кампањата, но никако нејзин носечки столб. Во спротивно, негативната кампања може да има обратен ефект врз гласачкото тело.

Секаде, но особено на нашите простори, позитивниот, инклузивен и прогресивен став е повеќе од потребен бидејќи негативната реторика е присутна долг временски период и веќе има создадено негативни последици врз демократскиот развој на земјата и регионот.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг