Сашо Тасевски: Долгиот јазик во партизирани средини како нашата те води во изолација

Точка

22/03/2019

12:38

6.550

Големина на фонт

а а а

Познат по тоа дека нема „влакна на јазикот“, Сашо Тасевски, во свој стил на 29-ти и 30-ти март во Дом на АРМ во Скопје , ќе даде свое видување, засновано на неговата перцепција на актуелните случувања во нашето општество. „Северно од Македонија“ е насловена стенд ап комедијата која ќе имаат можност да ја проследат сите ониЕ кои го сакаат твојот хумор.

"Тоа е претстава која е изградена на темелите на нашата глупоќа, на нашата малограѓанштина и нашата пуста надеж дека нешто ќе се смени на подобро. Ги исмејува партиите, политичарите, политикантството, северњаштвото, непотизмот, набавките, дивоградбите, фондот за иновации, корупцијата, силувањето попови, тепањето деца, мажите кои се прават фраери, а не им се дига....шеќерот, нашите навики на плажите во странство, виенските балови... Никој нема да биде помилуван, особено не, на некое незгодно место. Стресно ќе биде за мене, ама ќе биде стресно и за некој друг. Времетраењето е 75 минути. Почнува во 21 часот" најавува Сашо за Точка.

Сашо, каде е тоа Северно од Македонија, барај барај на карта не можам да го најдам?

- Некои го бараат на дното на шишето, некои во аптека, некои во лудилото, ама на карта никој не го бара.

Што е она што ти бодеше око, после подолго време од последниот стенд ап, повторно да се вратиш на сцена како комичар? 

- Кога беа груевци на власт, сите врати ми беа затворени. Ништо не играв во матичниот театар, ниту на било кое друго место. Немаше снимања, немаше нахсинхорнизации, немаше ништо, не за мене. Тогаш почнав со стендап. Прво со "Не ме лечи докторе", а потоа "Ни срам ни перде". Претстави кои ја полнеа Универзална Сала. Играв пред 1500 луѓе по претстава. Беа трн во око за тој режим. Кој ги гледал знае. Сега ја затворам таа трилогија со "Северно од Македонија", која ќе биде трн во око за оваа власт, а решив да ја затворам, зашто затворањето е денес во мода кај нас. Галиба нив ќе ги бодат очи. Зашто речиси ништо важно не се смени, иако груевци заминаа. За мене вратите пак се затворени, како во матичниот театар, така и на било кое друго место. Освен тоа се изнагледавме се и сешто последниве две години и се покажа дека политичките партии кај нас се во заговор против своите граѓани. Политиката им е само алатка за лична употреба. Сите останати кои не се со нив или не им се вклопуваат во екипата, се колатерална штета на нивните пазарења и его-трипови. Исто срање, различно пакување.

Созреани ли сме за хумор, подготвени ли сме да се менуваме? 

- Ние сме инфантилно опшество. Што да кажеш за луѓето кои чекаат партијата да ги направи човеци, освен дека се незрели. А такви сме сите. Партиите се алфа и омега. Твој родител, работодавач, месија, судија или џелат. Сите сме под нивна контрола. Во тоа е психопатологијата на нашето општество. И нормално ко ќе ги чепнеш партиите, провоцираш жестока реакција од нивните апологети. Кога ги напаѓаш оние од другата партија ти си куууул, добар дечко, можеме и да се посмееме, ама кога ќе ги нападнеш нив, не си повеќе смешен, стануваш нивна легитимна мета за отстрел. Тоа говори дека сме подготвени да се менуваме... на полошо.

Која е цената во Македонија да се биде „без влакна на јазик“? Сменето ли е нешто од последниот стенд ап?

- Долгиот јазик во примитивни партизирани средини како нашата те води во изолација. Остануваш сам. Без кариера, а често и без пари. Цел си на разни напади од медиумско-разузнавачки кулоари и на напади од луѓето од твојата фела. Диригирани обиди да те компромитираат и да ја снижат твојата вредност. Тоа е цената што ја плаќаш. Понекогаш ти изгледа превисока, а некогаш баш ти се свирка за тоа. 

Ако прашам има доволно материјал,...Ајде подготви не малку од малку... 

- Има за сите. И добар хумор и меки салфетки, тампони за во нос и влошки со крилца. Ко ќе протече, тече од секаде. Нема спас. 

Не ќе е на арно толку материјал, а? 

- Види, количината на материјалот е правопропорционален со количината на глупости кои ги продуцира оваа држава. Сте чуле за познат стенд ап комичар во Данска или Норвешка. Нема глупости, нема материјал. Од таа страна, греота е да се жалиме. Ние сме колевка на глупоќата и малограѓанштината, а сакаме да се продадеме во светот како грофови и контеси. Нема посмешно од тоа. Просто те мами да се фатиш за стенд ап и да ги прцаш кај стигнеш.

Има ли некој посебно што би сакал да го поканиш, да ти дојде, да те слушне, па да си реши дали ќе се смее или ќе плаче?

- Специјална покана само за Васе у Центар.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг