Илина Арсова на чекор до највисоките врвови на седумте континенти

Точка

23/01/2019

10:54

2.402

Големина на фонт

а а а

Врв кој е тешко пристапен за нормалниот човек. Се наоѓа во моментално кризно подрачје каде владеат немири и има забрана за движење.

Во непосредна близина на врвот има американска компанија која заедно со владата на Папуа, експлоатираат огромен рудник на злато, кој е една од причините за економската нестабилност на земјата. Освен што е првата Македонка која ја искачи карстната пирамида во Папуа, Илина Арсова е на чекор поблизу до постигнување на главната цел, 7-те врвови (7 summits). 

Колку време и на кој начин се подготвуваше за предизвикот? 

- Овој врв не е многу познат меѓу планинарите освен меѓу оние кои ги искачуваат 7 summits, односно највисоките врвови на седумте континенти.  


Имено овој екстремно високогорски предизвик е реализиран само од околу 250 луѓе на светот, меѓу кои само 70- тина жени и досега ниту една од нашите простори. За мене може да се каже дека подготовките за искачување на овој врв траеја две и пол години, особено во делот на собирање финансиски средства за истиот. Техничкиот дел на искачување беше целосно во мојот домен на подготвеност и очекувања, бидејќи долго време тренирам качување на карпи што беше случај кај оваа планина. Врвот е карпест со одредени вертикали и голем нагиб на останатиот дел, што за многумина е вистински предизвик.

Можеш ли да ни ја опишеш географската местоположба и што значи овој подвиг од планинарски аспект? 

- Врвот е доста оддалечен од секаква цивилизација и тешко пристапен за нормалниот човек. Се наоѓа во моментално кризно подрачје меѓу западна Папуа, Индонезија и Папуа Нова Гвинеја каде владеат немири и има забрана за движење. Во непосредна близина на врвот има американска компанија која заедно со владата на Папуа, експлоатираат огромен рудник на злато, кој е една од причините за економската нестабилност на земјата. Во овие делови движењето е строго забрането и затоа требаше секој од нас да потпише десетици изјави за војската и полицијата како и да добие посебна дозвола за пристап кон врвот.  

Од планинарски аспект овој врв е дел од предизвикот 7 врвови, како највисок на континентална Австралија со Океанија со висина од 4884 метри над морското ниво. За прв пат е искачен во 1962 година од мешовита интернационална група планинари алпинисти, а неговото име Пунџак Џаја означува „Победнички“ или „Величенствен“ врв.


Колку време траеше искачувањето, имаше ли други Македонци? 

- Целата експедиција траеше 5 дена. Од базниот камп (4200 м) до врвот (4884 м) и назад, јас се искачив за 7 часа заедно со уште двајца пријатели од Белгија и САД. За некои од групата ова качување траеше до 13 часа заради нивната слаба спремност и познавање на техники за качување и користење на алатки за обезбедување. За нив навистина се загриживме, бидејќи ги немаше да се вратат назад во базниот камп до доцна вечерта, кога надвор вееше снег и дуваше силен ветер. Во групата немаше други Македонци и чинам дека сум првата жена од Македонија што го искачува овој врв, после Сашко Кедев кој е воедно првиот и единствен Македонец кој ги има искачено седумте врвови.   

Ова е еден навистина поразличен дочек на 2019-та. Како се чувствуваше на врвот?  

- Би рекла убав почеток на годината. Одамна не ги сакам забавите со гласна музика и неконтролирано пиење, така што бев пресреќна што сум таму. На врвот се чувствував прекрасно, едно големо олеснување после речиси три години труд и еден чекор поблизу до целта.  


Планинарењето е карактерно челичење. Што научи од ова искачување? 

- Научив дека не е се во планините, иако тие ми се огромен извор на среќа, сепак на човек му треба и љубов, со некого да ја сподели таа среќа. Научив и дека не е се во подготвеноста, за жал. Конкретно за овој врв самото искачување ми беше доста лесно, не само затоа што бев во добра форма, но и бидејќи локалните агенции ги прават овие планини се' по достапни и комерцијални со цел да привлечат поголем интерес кај планинарите. Со тоа го олеснуваат пристапот кон планината што се коси со моите принципи на планинарење. Денешно време парите играат голема улога во искачувањето, што искрено воопшто не ме радува.  


Кој е твојот следен предизвик? 

- Би сакала да го заокружам проектот 7 summits за и Македонија да се вброи во земјите со ваков резултат. Потоа сакам да продолжам да качувам „за душа“. Планини и врвови кои финансиски не мора да чинат толку многу, за да се уште по предизвикувачки и вредни како спортско достигнување во светот и кај нас..  




Спонзорирани линкови

Маркетинг