Во Кина исчезна наградуваниот кинески фотограф Лу Гуанг, пренесе Си-ен-ен.
Тој исчезнал во Ксинџијанг, западна провинција на Кина. Многу организации за човекови права сметаат дека на тоа место постои камп во кој се заробени повеќе од еден милион Ујгури, припадници на етничката муслиманска заедница.
Сопругата на фотографот, Ксу Ксиаоли, го пријавила неговото исчезнување на социјалните мрежи и објавила дека ниту го видела, ниту се слушнала со него од почетокот на месецов.
За Си-ен-ен изјавила дека Лу Гуанг отпатувал во провинцијата Ксинџијанг на 3 ноември и дека оттогаш нема никакви информации за него.
Лу Гуанг имал некои договори со други фотографи во Урумчи, главниот град на провинцијата Ксинџијанг, а потоа на 5 ноември требало да отпатува во провинцијата Сечуан и да се најде со пријатели. Но, тој не се појавил на местото на договорот.
Гуанг фотографирал и јавно го претставувал секојдневниот живот на луѓето од маргините на општеството. Чест мотив му биле работниците во кинеските рудници за јаглен, зависниците од дрога, лица инфицирани со ХИВ и слично.
Тој е добитник на бројни награди, како што е германската награда за фотографија „Хенри Нанен“ и стипендии од National Geographic.
Исто така, Лу Гуанг е првиот кинески фотограф поканет од американскиот државен секретаријат во САД како гостин предавач.
Неговата сопруга живее во Њујорк заедно со нивното дете, а Лу, кој е кинески државјанин, често патува во Кина и таму минува многу време.
Сопругата ја контактирала полицијата во Ксинџијанг, но не успеала да оствари разговор со висок функционер. Таа не контактирала со американските власти бидејќи, како што кажала, тие не би можеле да помогнат во овој случај.
Пријател на фотографот за Си-ен-ен анонимно изјавил дека не верува оти Гуанг е заробен од страна на кинеските власти.
„Ако сакаа да го уапсат, одамна ќе го стореа тоа“, рекол пријателот.