Според аналитичарите, иако имало доста такви најави, сепак никој на самитот на 7-те најразвиени земји на светот не му се спротиставил на американскиот претседател Доналд Трамп.
За време на вчерашниот самит на „Г7“ во Канада, американскиот претседател Доналд Трамп им порача на лидерите на најмоќните земји дека начелата на глобалната трговија мора значајно да се променат затоа што актуелните, според него, му нанесуваат голема штета на САД.
Да потсетиме, американскиот претседател ги разлути своите сојузници кога минатиот викенд воведе нови тарифи на увозот на челик и алуминиум за Европската унија, Канада и Мексико.
„Америка ја искористуваат веќе со децении и децении“, изјави Доналд Трамп за време на прес-конференцијата во рамките на „Г7“ самитот.
Понатаму, Доналд Трамп порача дека сите трговски бариери треба да бидат укинати, вклучувајќи ги и тарифите, но исто така и субвенциите: „Без тарифи, без бариери, без субвенционирање. Тоа им го порачав и сега најверојатно ќе размислуваат за тоа“.
Според аналитичарите, Доналд Трамп одржал прилично долг монолог во кој што повторувал дека „трговскиот систем е уреден против Америка, против американската економија, американските работници и против американската средна класа“.
Понатаму, Доналд Трамп ги избегнал состаноците поврзани со темите кои што наводно него лично не го интересирале - задоцнил на разговорите за еднаквоста на половите кои што ги предводел канадскиот премиер Џастин Трудо, а според некои извори, Трамп ќе го напушти самитот порано - тврдел дека треба да се подготви за средбата со Ким Јонг Ун во Сингапур, но всушност тој не сакал да учествува на разговорите за климатските промени.
Според многумина, речиси целиот „Г7“ самит поминува во знакот на Доналд Трамп, а иако неколку лидери најавиле дека ќе му се спротистават на американскиот претседател за некои прашања, сепак, сега е јасно дека тоа нема да се случи.