Ким пресреќен: Конечно сме целосна нуклеарна сила, можеме да погодиме било кој дел од Америка

Точка

29/11/2017

14:04

3.391

Големина на фонт

а а а

Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, по лансирањето на новиот тип интерконтинентални балистички ракети "Hwasong-15", соопштил дека Северна Кореја "конечно ја остварила големата историска цел за комплетирање на своите нуклеарни сили, поради што и ја градела рекетната моќ".

Во соопштението, кое го прочитала водителката на севернокорејската телевизија, се наведува дека Северна Кореја "успешно тестирала нова интерконтинентална балистичка ракета - ICBM, која паднала во морето во близина на Јапонија и целосното американско копно го ставила во дострел на своето нуклеарно оружје", пренесува денес Reuters

Северна Кореја себеси се опишала како "одговорна нуклеарна сила", соопштувајќи дека стратешкото оружје го развила за да се одбрани од "политиката на нуклеарно уценување и нуклеарните закани од американските империјалисти".

Новата ракета, "Hwasong-15", наречена по планетата Марс, е понапредна верзија од ICBM која два пати била тестирана во јули, навела Северна Кореја, а таа ракета е дизајнирана со цел да понесе "суперголема тешка боева глава" и има многу повеќе предности во своите тактички и технолошки карактеристики во споредба со претходните ракети.

Најновото ракетно тестирање Пјонгјанг го извел вчера, прв пат од средината на септември, а една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп таа земја ја ставил на листата држави кои го поддржуваат тероризмот, што на Вашингтон му овозможува да воведе дополнителни санкции.

Северна Кореја, која во септември ја извела својата шеста и најголема нуклеарна проба, лансирала десетина балистички ракети под мандатот на Ким Јонг Ун, спротивставувајќи се на меѓународните санкции, а во најновото тестирање лансирала ракета која досега летала најдолго и највисоко.

Пјонгјанг наведува дека новата ракета достигнала висина од околу 4.475 километри - што е за 10 пати повеќе во споредба со висината на која се наоѓа Меѓународната вселенска станица - и дека летала 950 километри за 53 минути.

Многу нуклеарни експерти наведуваат дека Северна Кореја допрва треба да докаже дека ги совладала техничките препреки, вклучувајќи ја и способноста за лансирање на тешки нуклеарни боеви глави, но дека веројатно тоа наскоро и ќе го направи.

"Тоа не мора да ни се случува, но сепак ќе мора да научиме да живееме со способноста на Северна Кореја да ги земе САД на нишан со своето нуклеарно оружје", предупредил Џефри Луис, директор на програмата за не-ширење на нуклеарно оружје во источна Азија на Институтот за стратешки студии во Мидлбери.

На основа на патувањето и оддалеченоста, новата ракета веројатно има дострел поголем од 13.000 километри - повеќе од доволно да дојде до Вашингтон и останатите делови на САД, соопштил Сојузот на научници со седиште во САД, со напомена дека не е јасно колкаво полнење носела ракетата и дали може да носи голема боева глава.

Во меѓувреме, американските, јапонските и јужнокорејските службеници се согласиле дека ракетата, која слетала во ексклузивната економска зона на Јапонија, веројатно е ICBM, додека Пентагон соопштил дека таа проба не претставувала закана за САД или нивните сојузници.

Трамп разговарал телефонски со јапонскиот премиер Шинзо Абе и јужнокорејскиот претседател Мон Џае Ин, а сите тројца лидери ја потврдиле својата посветеност во борбата против севернокорејските закани, при што Трамп истакнал дека "тоа е ситуација која може да се реши".

Истовремено, Советот за безбедност на ОН денес закажал итна седница посветена на најновата ракетна проба на Северна Кореја, која била силно осудена од генералниот секретар Антонио Гутереш.