Трамп објавил над 200 пораки на социјалните мрежи од почетокот на војната со Иран

Макфакс

10/03/2026

18:09

189

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објавил повеќе од 200 пораки на платформата Truth Social откако САД и Израел започнаа со бомбардирање на Иран на 28 февруари, но помалку од 20 проценти од тие објави се однесувале на војната, се наведува во еден извештај.

Додека САД лансирале ракети кон Иран во рамки на операцијата „Епски бес“, Трамп својата социјална мрежа главно ја користел за да продолжи со нападите врз своите политички противници, да изнесува обвинувања за изборна измама, да ја пофали својата балска сала вредна 400 милиони долари и да го промовира „Save America Act“.

„Genius Act е под закана и поткопување од страна на банките, и тоа е неприфатливо, нема да го дозволиме тоа. САД мора што побрзо да ја завршат регулацијата на пазарната структура. Американците треба да заработуваат повеќе пари од своите пари“, напиша Трамп на Truth Social на 3 март додека бомбардирањето траело.

Од вкупно 215 објави што ги споделил на Truth Social од најавата за почеток на војната на 28 февруари, помалку од една петтина се однесувале на Иран, според анализа на весникот „Вашингтон пост“.

Политичките коментатори често истакнуваат дека налетите на објави на Трамп на Truth Social даваат увид во психолошката состојба на претседателот, пренесе „Индипендент“.

Весникот наведува дека стилот на комуникација на Трамп преку Truth Social му овозможува да се поврзе со својата база на поддржувачи на начин на кој тоа не им успеало на неговите противници и претходници, но дека неговиот „недостаток на видлив напор“ да ја оправда војната не е без ризик.

Трамп и Белата куќа минатата недела беа соочени со критики бидејќи нудеа противречни и брзо менувачки објаснувања зошто Иран претставувал толку непосредна закана за американските сили и нивните сојузници низ Блискиот Исток што употребата на воена сила била неопходна.

Војната веќе ја подели и Трамповата MAGA база, при што истакнати личности како Меган Кели и Такер Карлсон тврдат дека воената акција не е во согласност со политиката „Америка на прво место“.